Филмската индустрија е сурова кога станува збор за баланс меѓу работата и семејството. А да се има деца не е само женска работа, туку е човечка работа. Кинематографијата е тешка професија, во која мора да веруваш, ако сакаш да успееш.
Ова се само дел од заклучоците кои денеска ги изнесоа шест познати и признати светски кинематограферки, кои на тркалезна маса во киното „Манаки“ зборуваа за нивните патувања, предизвиците и за триумфите кои ги имале работејќи ја оваа професија.
На настанот зборуваа осум извонредни директорки на фотографија, меѓу кои Елен Лотман, поранешна претседателка на ИМАГО и актуелна претседателка на естонското друштво на кинематографери, потоа, Ерика Адис, кинематограферка и режисерка, претседателка на австралиското друштво на кинематографери, Бојана Андриќ, претседателка на ИМАГО и на српското друштво на кинематографери Гертрурд Бејлот од франсуското друштво на кинематографери, потоа, Селин Бозон, поранешна претседателка на француското друштво на кинематографери, Ула Понтикос, претседателката на британското друштво на кинематографери. Меѓу панелистките беше и снимателката Агнешка Селига, а настанот го модерираше македонскиот директор на фотографија и продуцент, Самир Љума.
Кога започнував со оваа професија пред дваесетина години, јас бев најмлада на сетовите. И сите други мои колеги беа мажи. Тогаш сфатив дека ова ќе биде тешка професија, рече Селин Бозон пред присутните.
Нејзината австралиска колешка Ерика Адис, се потсети на првиот филм снимен пред некоку децении.
Филмот се вика „Брезен хасис“ и е филм за феминизмот во 1968 година. Тоа беше фантастичен проект. Во Бризбен имаше коментари ос типот, како е возможно дваесетгодишнички да знаат каков бил феминизмот во 1968 година. Сепак, тоа е приказна на која сум посебно горда и за која бев многу возбудена, рече Адис.
Некои од панелистките се мајки и тие зборуваа за балансот меѓу мајчинството и кинематографијата, нешто што не е лесно да се менаџира и во исто време бара многу време и посветување. На оваа тема своето искуство го пренесе кинематограферката Лотман.
Имам три деца, забавно е. Да се има деца не е само женска работа, туку е човечка работа. Филмската индустрија е сурова кога станува збор за баланс меѓу работата и семејствтото. Секогаш ги носам децата на сет, не сакам да бидат дома и сами. Кога тие се среќни, тоа ми е најважно. Кога го родив третото дете и бев на интервју за работа со луѓе кои не ги познавав, морам да кажам дека тие беа мажи и немаа деца. Син ми Артур тогаш имаше три месеци и го однесов и него на интервјуто. Исто така, во животот искусив и работа како „нормална личност“, кога работев во училиште за филм. Но, сфатив дека сум подобар родител кога правам филмови. Кога снимам, сум најкул родител. Кога ја добивме ќерката, нашето прво дете, ја носевме секаде со нас. Немаше разделба, таа гледаше дека ова е мојата професија. Кинематографијата не е воопшто лесна, но е мошне вредна, оцени Лотман.
Снимателката Агнешка Селога, пак, кажа дека на еден сет во една прилика, некој ја прашал дали ѝ недостасува ќерка ѝ.
Во тој момент јас сфатив дека сум заборавила дека имам ќерка. Го заборавив фактот дека сум мајка, низ смеа кажа Селига.
Кинематограферката Бизон кажа дека има две деца но дека се разделиле со партнерот.
Во тој момент прашањето беше, дали да продолжам да се бавам со кинематографија. Решив да продолжам. Мораш да продолжиш и да веруваш во она што го правиш, иако знаеш дека не е лесно, рече таа.
Српската кинематограферка Бојана Андриќ кажа дека верува во менторството како дел од процесот на учење на оваа професија.
Мојот професор кој има работено на 70 филмови, виде дека мојата енергија е комплетно внесена во филмот. Јас му кажав дека филмот е мојот живот и дека тоа е мојата определба, кажа Андриќ.
Модераторот Љума се осврна на фактот дека во Македонија е мал бројот на кинематограферки.
Се надеваме дека промените ќе дојдат. Кај нас имаме две дипломирани кинематограферки, жал ми е да кажам дека една од нив никогаш не добила шанса да сними филм, рече тој.
Српската директорка на фотографија Андриќ, истакна дека од земјите во поранешна Југославија, Словенија нема ниту една жена кинематограферка, иста е ситуацијата и во Хрватска, во Босна и Херцеговина има две жени, но се телевизиски кинематограферки, во Србија има четири.
Многу е сиромашна статистиката на Балканот, констатираше Андриќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.