Вечерва во 20,30 часот во паркот зад Младнски културен центар (МКЦ) во програмата МК кратки ќе биде прикажен краткиот филм на Ангела Димеска, „Кутии“ во рамки на третиот ден на 22. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“ кој е во тек. Димеска, освен што е режисерка на „Кутии“ е авторка и на сценариото.
Во филмот главен лик е Даниела Ивановска, заедно со Билјана Јовановска, Филип Трајковиќ и Жаклина Стефковска. Кинематографер е Дејан Димески, костимографер на филмот е Емилија Ивановска Атанасовска, сценограф е Влатко Зафирковски, монтажер е Владимир Митревски, а продуцент – Огнен Антов.
Опасниот двоен живот на Лидија како продавачка на кутии за храна и препродавачка на дрога добива опасен пресврт кога фатална грешка ѝ го загрозува односот со нејзиниот наркобос, го става во опасност животот на ќерка ѝ и ризикува да ја изложи пред Никола, нејзиниот сопруг полицаец, е приказната која ја раскажува Димеска во „Кутии“.
Љубовта кон блиските и лојалноста кон пријателите како и последиците кои можат да произлезат од желбата да се придонесе подобар живот на децата преку инволвираноста во нелегалните активности, се главните теми во „Кутии“, вели за „Република“ Димеска.
Таа вели дека не било лесно, но било возбудливо да се создадат женските ликови во филмот.
Сите тие се базирани и имаат во себе карактеристики од жени со кои што сум била опкружена, сум се сретнувала низ животот и сум имала шанса да ги гледам како функционираат и како се справуваат со своите предизвици. Преку создавањето на ликовите во ‘Кутии’ сакав да претставам женски карактери кои се малку поразлични од стереотипите кои сме навикнати да ги гледаме во нашите филмови и кои имаат повеќе слоеви и повеќе добри и лоши особини, вели Димеска.
Димеска, које е и сценаристка на филмовите кои ги режира, вели дека ѝ е важно таа да ја напише приказната, но не и пресудно, за да пренесе некоја приказна или идеја во филм.
Иако јас сум сценарист на моите кратки филмови, ‘Перики’ и ‘Кутии’, пишувањето е процес кој ми претставува поголем предизвик и скоро секогаш ми е потребно друг пар на очи, или мислење на сценарист и скрипт доктор кои ќе ми помогнат да излезам од мојот свет и да ја видам приказната на уште еден начин пред да ја создадам финалната верзија на сценариото. Токму затоа во иднина повеќе би сакала да соработувам со сценрист(к)и, со кои заедно би можеле да ги развиваме нашите идеи, додава Димеска.
Лидија и Марија, главните ликови во „Кутии“ во себе имаат истовремено и добри и лоши карактерни особини и не можат едноставно да се вметнат во некој постоечки шаблон, смета Димеска.
Станува збор за две жени, пријателки чии различни животни патишта ги имаат доведено да работат во истата нелегална професија. Двете имаат навлезено во оваа работа поради своето семејство, Лидија бидејќи сака да и помогне на својата ќерка, а Марија бидејќи не сака да ја разочара својата мајка, Жаки, додава Димеска.
На „Синедејс“ вечерва ќе се случи македонската премиера на „Кутии“. Има план за промоција на „Кутии“ по интернационалните фестивали и Димеска вели дека по домашна премиера „Кутии“ ќе има шанса да биде прикажан и во регионот, но и пошироко.
Димеска во моментов работи на уште еден краток филм кој е во многу рана фаза.
Се надевам дека тој проект ќе успееме да го оствариме оваа година. Долгометражен филм е секако во план и се надевам дека преку работата на кратките филмови ќе успеам да го стекнам потребното искуство да што поскоро го направам и мојот прв долгометражен филм, заврши Димеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.