Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и членовите на државно-црковната делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан, денеска во киното „Тицијани“ присуствуваа на проекција на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубимир Стефанов.
Присутните ги поздравија амбасадорот на Македонија во Италија, Весел Мемеди и Лавинија Де Николо, претседателка на Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија АЦДМАЕ, воедно и иницијатори на настанот.
Амбасадорот Мемеди изрази задоволство за можноста токму на 24 Мај, Денот на Светите Кирил и Методиј, македонската култура е презентирана пред италијанската јавност.
Големо е задоволството што токму денеска, на 24 Мај, Светите Кирил и Методиј, заедно со Мајка Тереза, придонесоа преку проекцијата на „Медена земја“, нашата земја и култура да бидат препознатливи не само во Италија туку и во светот. Се надевам дека медот ќе биде доволно сладок, за да ја натера италијанската јавност да ја посети нашата Медна земја, рече амбасадорот Мемеди.
Претседателката на Асоцијацијата „Жени дипломати“ Лавинија Де Николо, истакна дека станува збор за одличен филм, и додаде дека најважниот дел е грижата за нашата околина, нешто што долго време се запоставува.
Гостите и посетителите кои ја проследија борбената и емотивна приказна на Атиџе Муратова, беа топло пречекани и со специјалитети од македонската кујна.
Претходно македонската државно-црковна делегација оддаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, каде митрополитите г. Пимен и г. Јосиф одржаа молебен во чест на Св. Кирил.
Со проекција на „Медена земја“, беше заокружен културно-уметничкиот дел и програмата по повод традиционалното чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.