Разговор со Игор Станојоски, автор на романот „Диссомнии“ ќе се одржи вечер во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

„Разговор со“ е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, во која секој месец е посветен на една книга и нејзиниот автор. Ноември е за романот „Диссомнии“ и авторот Игор Станојоски. Последната сабота од месецот е резервирана за Клубот на читатели и истото дело.

„Диссомнии“ е едно од најкоментираните македонски дела омани во последните неколку години, добитник на Рациновото признание за 2018 година. Романот досега има три изданија во државава, а издаден е и на босански јазик од издавачката куќа „Бајбук“, во превод на Сеида Бегановиќ.

Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген во 1979 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал на Институтот за словенска филологија во Сосновјец (Полска). Во моментов работи како вонреден професор на Филолошкиот факултет во Штип. Автор и на дваесетина преводи на романи од рускиот, чешкиот, словачкиот и украинскиот јазик, како и на два препеви на стихозбирки. Автор е на романите Гаргара (2014), Првиот универзитетски ден на мојата ќерка (2016) и Диссомнии (2017).

Разговорот ќе го води книжевната критичарка и новинарка Александра Јуруковска, а фрагменти од „Диссомнии“ ќе чита актерот Андреј Серафимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.