Во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ), денес во Охрид се одржа разговор со писателот, академик Влада Урошевиќ по повод наградата „Роман на годината” за 2022. која за неговиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени” му ја додели Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски”. Романот е во издание на „Арс Ламина”, а разговорот со Влада Урошевиќ за слушателите од напреднатите рамништа на Летната школата го водеше новинарката Катерина Богоева, членка на Фондацијата.

Семинаристите покажаа голем интерес за разговорот со Урошевиќ и за неговиот најнов роман. Покрај прашања за романот и воопшто за неговите прозни дела, се отворија и прашања за поезијата и за неговиот истражувачки порив. Меѓу другото, Урошевиќ со семинаристите сподели и свои сеќавања од Струшките вечери на поезијата, навраќајќи се кон нивните почетоци, токму во годината кога е добитник на Златниот венец.

Со одржаниот разговор со Влада Урошевиќ, МСМЈЛК при УКИМ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски” ја продолжуваат традицијата на претставување на лауреатите на престижната награда за роман напишан на македонски јазик и пред учесниците на Школата.

Некогашниот „Утрински весник” кој ја востанови и ја доделуваше наградата „Роман на годината” во текот на целото свое постоење (1999 -2017), гостуваше со неколку од досегашните 24 лауреати и на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ. Фондацијата „Славко Јаневски” продолжи со доделување на истата награда почнувајќи од 2017 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.