Македонската амбасада во Будимпешта беше местото каде се одржа Вечерта на македонските студенти, средба која ги обедини
македонските студенти кои се школуваат во унгарската престолнина и другите градови, но и оние од Унгарија и другите држави кои го изучуваат македонскиот јазик. Настан кој понуди многу музика, пријателство и промоција на Македонија и македонскиот јазик.

„Во моментов имаме една прилично голема група на студенти, кои што се тука благодарение на билатералната соработка помеѓу Унгарија и нашата татковина, преку стипендијата Унгарикум. Многу од нив се и во приватна режија овде на студии, затоа што Будимпешта станува еден меѓународен центар. Се разбира, има и докторанти и магистранти, кои што ги довршуваат своите студии во Унгарија, не само во универзитетите во Будимпешта, туку и во Дебрецен, во Сегедин и на другите места ширум оваа земја“, истакна Ивица Боцевски, специјалниот претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.

Оваа иницијатива дошла од неколку причини.
„Јас сум бил исто така студент во странство, знам колку значи, кога амбасадата ќе пружи рака“, додава Боцевски.
Тој во Будимпешта е на специјална мисија поврзана со европската интеграција.
„Овие студенти овде, овие деца ја живеат Европа, покажуваат дека македонците имаат што да ѝ понудат на Европа. Секој од нив е далеку поголем амбасадор, не само од мене, туку од било кој македонски амбасадор. Секоја училница каде што учат, студираат и одговараат, е претворена во една мини амбасада каде што тие ја претставуваат нашата култура, нашата традиција и квалитетот на учениците кои што ги гледам овде, зборува самиот за себе. Дел од нив планираат дома да ја продолжат кариерата, дел од нив во Европа, меѓутоа самиот факт што се овде, зборува дека е жива врската меѓу матицата и меѓу нашите студенти“.

На средбата многу студенти вљубеници во македонскиот јазик од Кина, Украина, Панама, Кореја и други земји.Дел од овие студенти го изучуваат македонскиот јазик кај лекторот Златко Панзов на универзитетот ЕЛТЕ.
„Овие вечери се многу важни за промоција не само на нашата култура, туку и на нашиот јазик. Така што, ваквите настани се од голема корист за видливост на нашиот јазик, односно на лекторатот каде што го предавам, на универзитетот ЕЛТЕ“, рече Панзов. Заинтересираноста на студентите кои го изучуваат македонскиот јазик е се поголема. И овој семестар имаат околу 20 до 25 студенти.
„Оваа година, за разлика од останатите семестри, имаме голем број на интернационални студенти, од Панама, Кина, Кореја, Украина, Русија итн. Така што, веќе многу добро се знае за лекторатот, иако таму има 70 лекторати, се знае за тоа дека има македонски јазик на ЕЛТЕ. Многу тешко е да се биде видлив меѓу останатите, но се поголемиот број на интернационални студенти кои доаѓаат на ЕЛТЕ и ги посетуваат курсевите по македонски јазик, зборуваат за успехот, за целата наша македонистика, не само за мојата работа во Унгарија, туку и пошироко“.
„Потребна е поголема поддршка на лекторатите“, истакна лекторот.
За важноста на Македонскиот лекторат зборуваше и Боцевски.
„Овде имам еден светол пример, во Будимпешта, за значењето на лекторатите по македонски јазик, колку се важни за промоцијата на македонската култура ширум светот. Тука лектор е Златко Панзов, кој што предава на ЕЛТЕ универзитетот, каде што има неколку групи кои што го изучуваат македонскиот јазик.
На оваа вечер, не само што запознав луѓе од Кина, запознав и луѓе од Панама, кои што ке бидат идни македонисти. За жал, во годините на транзиција, бројот на лекторати по македонски јазик опадна и проектот во моментот кој што го поддржува претседателката Гордана Силјановска Давкова, кој што го поддржува Владата, Министерството за култура, е преку семинарот за македонски јазик да се дојде до обнова и до проширување на мрежата на лекторати. Гледате и самите еден лекторат колку голема промена може да внесе. Во Будимпешта имаме луѓе буквално од сите континенти кои што стануваат идни македонисти, дел од нив се канализираат и кон самиот семинар, понатаму да продолжат со активностите, така што една голема чест е, меѓу другото, тука да зборуваме македонски, како што реков, со луѓе од целиот свет, кои што токму во Будимпешта го изучуваат македонскиот јазик. Ова беше една убава вечер која ги врати студентите кон звуците на нивната татковина. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција, барем еднаш месечно, да имаме едно вакво дружење“, додава Боцевски.
За музичкиот дел се погрижи дуото Буда Песме од Будимпешта, вљубеници во македонската песна. Како и секоја македонска вечер, така и на оваа присутните можеа да уживаат во вкусот на македонските вина, храна, како ајварот пред се, а на крај се играше и македонското оро.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.