„Живот без сведоци“ е втор роман на Наташа Сарџоска, кој деновиве го објави Издавачкиот центар „Три“, кој, воедно, годинава ја објави и нејзината поетската книга „Часови по измама“, за која таа ја доби наградата на Хрватското книжевно друштво во Риека за книга објавена надвор од Хрватска. Освен овие објави, Сарџоска годинава стана и прва македонска поетеса и писателка што објавила свој целосен избор поезија во Мексико, во издание на издавачот Окседа, во нејзин автопревод на шпански јазик со што стана достапна за целиот хиспанофонски свет.

Промоцијата на новиот роман ќе се одржи на 14 декември во 19 часот во музичкото кафуле „Филхармонија“. За книгата со авторката ќе говори и разговара проф. Маја Мухиќ, професор по филозофија, култура и антропологија од Универзитетот за Југоисточна Европа.

Кревок, срамежлив, ранлив, а истовремено страстен, бурен, возбудлив роман во кој главната нарација е испреплетена со тивката, подмолна, невидлива, неискажлива болка на човечкото постоење, ќе рече професорот Венко Андоновски за вториот роман на Сарџоска.

Живот без сведоци е егзистенцијалистички психолошки роман за живот без никакво сведоштво за своето постоење, во едно отуѓено, подриено и потрошувачко пост-транзициско општество, на две радикални, прогонети, измачени и несреќни порочни личности, кои во бегство од правдата, без никакви надворешни сведоци и просторно-временски факти, во заложеништво на себеси самите каде што тие ја проживуваат одново и одново траумата на своите минати демони. Во тоа траорно заедништво, наоѓаат утеха и спас, кој иако привиден и утешителен, сепак ги води низ нивните внатрешни превирања и тегоби, и така, прежививајќи ги слепите точки на своето невидливо постоење, тие доаѓаат до нови екстремни познанија, кои ги доведуваат во прашање мноштвото општествени догми кои им биле наметнати. Во еден потчинет однос на слепа должност и послушност, бескомпримисни интимни односи, долги исповеди и онтолошки прашања, за да преживеат, за да се прехранат, се впуштаат во низа противзаконски дејности кои, во заплетот, ќе ги доведат до изборот да се прокоцка еден од двата живота, за да се спаси и суштински измени останатиот живот.

Наташа Сарџоска е современа македонска поетеса, писателка и преведувачка, родена во Скопје на 16 ноември во 1979. Студирала, работела и творела во Париз, Милано, Тибинген, Лисабон и Брисел од 2005 до 2015 година. Иако тоа ја оддалечува од македонскиот јазик, контекст и култура, таа секогаш одбира да се враќа во Скопје. Докторирала социјална антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тибинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а магистрирала медиумски и комуникациски студии на Новиот Универзитет во Лисабон и на Универзитетот „Виа Домиција“ во Перпињан. Денес, живее и работи меѓу Скопје, Штутгарт и Мадрид каде што е професор на Глобалниот американски универзитет „Шилер“. Таа е и нерезидентен научен соработник на Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Риека.

Ги објавила поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“, „Крстна коска” и „Часови по измама“, романот „Трамонтана“, раскази, колумни, интервјуа, есеи и академски трудови. Нејзини поетски книги во автопревод се објавени во САД, Италија и Мексико, а избор од нејзини песни се преведени и објавени на над дваесет светски јазици. Застапена е во поетски тематски антологии на тема граници и егзил, меѓу кои особено значајно за неа е италијанското издание „Лимен“ – избор на дела од уметници, поети и писатели од другата страна на Јадранското Море – во уредништво на Милена Бечи и Лорис Фери. За својата последна поетска книга „Часови по измама“ ја доби наградата „Книжевно перо“ во 2023 за поетска книга објавена надвор од Хрватска на 16. меѓународен книжевен фестивал „Денови на пријателите на книгата“ во Риека. Во Рим во 2021 ја добила наградата „Don Luigi de Liegro“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик, а во Неапол наградата од Издавачката куќа „Гвида Едиторе“, во 2021 за најдобра песна напишана на италијански јазик од странски автор. Во 2019 година е поканета во каталонскиот институт Рамон Љуљ на резиденција за писатели и преведувачи. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија на поезија против злоупотреба на деца во издание на поетскиот меѓународен фестивал „Grito de mujer”. Настапила на меѓународни поетски фестивали меѓу кои најголемиот светски поетски фестивал во Меделин, „Ars Poetica“ во Националната галерија во Братислава,  фестивалот “Ritratti di poesia” во Рим, фестивалот „Parole Spalancate“ во Дуждовата палата во Џенова, поетскиот фестивал во Берлин во Академијата за уметности, „ Sha’ar Helicon“ во Јафа театарот во Тел Авив, Светскиот фестивал на поезија во Венецуела, фестивалот “Confines” во Хондурас како и бројни настапи во балканскиот регион. Освен на македонски, твори и пишува и на шпански, англиски и италијански јазик.

Со проф. Имануел Бруне-Жаји ја уредила светската поетска антологија “Blurred and Political: Border Poetry” објавена при Универзитетот на Викторија во Канада, а со академик Катица Ќулафкова го приредила изборот од современа македонска поезија во Колумбија. Превела од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик стотици автори. Прва и единствена преведувачка е на македонски јазик на Пазолини, Маргарит, Сарамаго и многу други италијански, португалски, шпански и каталонски поети и писатели.

Како уметник, ги истражува пограничјата меѓу песната, танцот и поезијата: оттаму нејзините поетски рецитали се испреплетени со вокални експерименти, современ танц, импровизација и перформанси во придружба на меѓународни музички автори. Твори предмети од керамика и често престојува покрај Охридското Езеро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.