Третиот дел на романот „Солунска 28“, од легендарниот музичар и автор д-р Неле Карајлиќ, е најпродаваниот наслов во издание на „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2024. На најголемата книжевна манифестација, која се одржа од 18 до 24 април, во арената „Борис Трајковски“, Скопје, „Арс Ламина“ се претстави под слоганот „Влези во бајка“. Оваа година на посетителите им понуди над 1.000 наслови, од кои 200 се нови, објавени меѓу двете саемски изданија.
Меѓу најбараните книги за возрасни беа саемските новитети, интернационални бестселери, класици, трилери и наградувани наслови од македонски и регионални автори.
Високо на топ 10 листата со најбарани книги на штандот на „Арс Ламина“ се најдоа: финалистот на книжевната награда „Пегаз“ – романот „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, книгата најзначајните раскази на Јадранка Владова, „Скарбо“, „изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес – „Се гледаме во август“, како и роман што се заснова на необјаснивото единаесетдневно исчезнување и потрага по Агата Кристи – „Аферата Кристи“ од Нина де Грамонт.
Следуваат: домашниот книжевен хит „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов-Ѕоф; интернационалните бестселери „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд и „Семејни тајни“ од Лијан Моријарти; добитникот на престижната награда на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2022 година, „Прирачник за солиден живот“ од Оливера Зуловиќ и култниот роман на италијанскиот писател Умберто Еко, „Името на розата“. Во продолжение ви ги претставуваме содржините на книгите.
1. „Солунска 28“ (III дел) од д-р Неле Карајлиќ
Последниот роман од трилогијата „Солунска 28“, легендата на популарната екс-ју група „Забрането пушење“ и на култната ТВ-серија „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ, го промовираше на првиот саемски ден, на штандот на „Арс Ламина“ (18 април). Приказната за една куќа, еден град и два света, Карајлиќ ја заокружува со третиот дел насловен како „За сексот, дрогата и рокенролот“. Овој роман говори за експлозијата на рокенролот во поранешна Југославија, чиј симбол беа токму сексот, дрогата и рокенролот. Приказната во третото продолжение е лоцирана во осумдесеттите години на минатиот век и главно ја проследуваме низ перспективата на Милан Јанковиќ.
Со тоа е ставена точка на приказната за судбината на една дорќолска адреса и неколку генерации кои живееле тука, но отворено е ново поглавје во создавачката биографија на човекот кој веќе четири децении пее, компонира, глуми, режира и пишува ли пишува.
2. „Страшни приказни“ од Сузана Камберова
Изданието што влезе во најтесниот избор за книжевната награда за најдобар необјавен роман, „Пегаз“ за 2023 година – „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, премиерно беше претставено во рамките на Саемот на книгата. Потпрен на едно од типичните начела на готските романи – чудниот, мистичен амбиент, романот „Страшни приказни“, комбинирајќи ги хоророт и романсата, нè води низ испреплетените животи на неколкуте добро изградени ликови, заробени во една зима, во 1965 година, некаде на швајцарските Алпи. Завеани и отсечени од светот, тие си ги раскажуваат најстрашните нешта што им се случиле во животот, создавајќи еден цел паралелен, напнат и возбудлив свет во кој самите првин се само раскажувачи или слушатели, а потоа и учесници. Приказната е богата, слоевита и „готска“, преполна со морничави сцени, мрачни заплети и таинствени случувања…
3. „Скарбо“ од Јадранка Владова
Книгата „Скарбо“ ги спојува двете подзагубени збирки раскази на Јадранка Владова – „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990), за кои со децении наназад беше полесно да се пишува, да се зборува или да се слуша отколку да се најдат во книжарниците и библиотеките. Новата публикација е дел од добропознатата и наградувана едицијата на „Арс Ламина“ – „Македонски книжевни класици“, во рамките на која се реобјавени капитални дела од најзначајните македонски книжевни великани. Со овој потег на „Арс Ламина“, „Скарбо“ повторно се враќа во рацете на читателите! Книгата беше промовирана на 19 април на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и на Саемот на книгата, ден подоцна (20 април), кога се одбележува денот на раѓањето на Владова.
4. „Се гледаме во август“ од Габриел Гарсија Маркес
Последниот роман на легендарниот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес, „Се гледаме во август“, излезе од печат на 6 март, десет години по неговата смрт, истовремено во повеќе од 30 земји во светот, меѓу кои и на македонски, благодарение на „Арс Ламина“.
„Се гледаме во август“ е кус роман напишан во заводлив, фасцинантен и препознатлив стил на Маркес, кој е вистинска химна на животот со многу лица, особено на љубовта со многу опачини. Секој август, на точно определен датум, Ана Магдалена Бах заминува на островот каде што е погребана нејзината мајка со букет гладиоли. За време на овие патувања, макар на една ноќ, таа станува некоја друга, а нејзиниот внатрешен свет станува сосем поинаков, зашто „да се изгуби ноќта значи да се изгуби една година“…
5. „Аферата Кристи“ од Нина де Грамонт
Крими-романот „Аферата Кристи“ од американската авторка Нина де Грамонт е роман што се заснова на вистински настан – необјаснивото единаесетдневно исчезнување и потрага по Агата Кристи што го има оставено светот без здив. Иако базиран на овој настан, романот на Нина де Грамонт е фикција и плод на нејзината фантазија преточена во интригантно четиво.
6. „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов-Ѕоф
„Џабе живиш у Скопје“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними и многу други „–ними“. Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е чврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од ’45. па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје.
За време на Саемот на книгата, се одржа настанот „Џабе си у Скопје ако не цепаш на Саем“, на кој Зоран Спасов-Ѕоф потпишуваше книги и се дружеше со читателите.
7. „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд
Приказната во книгата, што постигна интернационален успех и е бестселер на „Њујорк тајмс“, се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин.
8. „Семејни тајни“ од Лијан Моријарти
Од авторката на бестселерите, „Девет совршени туѓинци“, „Три желби“ и „Последната годишнина“, ни пристигна уште еден возбудлив трилер – „Семејни тајни“. По оваа книга е снимена актуелната ТВ-серија на стриминг-сервисот „Нетфликс“ – Apples Never Fall („Јаболката никогаш не паѓаат“).
Доколку исчезне твојата мајка, дали ќе пријавиш во полиција? Дури и ако најочигледниот осомничен е твојот татко? Ова е дилемата со која се соочуваат четворицата возрасни браќа и сестри Делејни. Делејни се столб во својата заедница. На родителите, Стен и Џој, им завидуваат сите пријатели. Тие се „убијци“ на тенискиот терен, а надвор од него, нивната хемија е речиси опиплива. Но, по педесет години брак, тие конечно ја продаваат тениската академија и подготвени се да почнат да ги живеат златните години од нивните животи. Тогаш зошто Стен и Џој се чувствуваат толку мизерно? Нивните деца – Ејми, Логан, Трој и Брук – биле тениски ѕвезди во детството, но, според нивниот татко, никој од нив го немал она што е потребно за да оди докрај. Подоцна, откако ќе исчезне Џој, полицијата ја испрашува единствената личност која преостанува: Стен. Двајца од децата Делејни мислат дека татко им е невин, а двајца не се толку сигурни…
9. „Прирачник за солиден живот“ од Оливера Зуловиќ
Помеѓу новата адреса на тато и старата адреса на мама стоеја три автобуски станици, два семафора, еден киоск, една трафостаница, пошта, црква и книжарница. Ако спиеше кај тато, нотите за гитара остануваа кај мама, а кога мама го водеше на тренинг, опремата му беше кај тато. Никако да си биде сè на своето место. Ако тие тројцата мораа да се навикнат, топката, дуксерот со качулка, клучевите, чистите чорапи, го одбиваа тоа. Не им можеш ништо и точка! „Прирачник за солиден живот“ е добитник на наградата на „Политикин забавник“ – најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик, за 2022 година. Книжевниот првенец на Оливера Зуловиќ е приказна за нежното пријателство помеѓу Љубица и Љубо и за нивната авантура со заеднички сили да ги преживеат, но и да ги поправат неубавите нешта во животот. Оваа топла книга пишувана низ призмата на детето е наменета и за возрасните и за оние што сè уште не станале тоа.
10. „Името на розата“ од Умберто Еко
Приказната во овој книжевен класик од 1980 година почнува при крајот на ноември 1327 година, кога во еден бенедиктински манастир пристигнува англискиот францисканец Вилјем од Баскервил во придружба на својот ученик и искушеник Адсон од Мелк. Манастирот е потресен од необјаснивата смрт на младиот собрат Адолфо, чие мртво тело е само првото од неколкуте што во околината создаваат атмосфера дека се ближи апокалипсата и дека набрзо ќе дојде Антихристот. Доволно световни за да смеат да си дозволат да бидат логични, надминувајќи низа пречки – од строг библиотечен надзор, па до посета на инквизицијата – Вилјем и Адсон тргнуваат во потрага по вистинскиот причинител за смртта на калуѓерите. Продадена во повеќе од педесет милиони примероци ширум светот и преведена на над четириесет јазици, „Името на розата“ е добитник на највисокото книжевно признание во Италија, наградата „Стрега“, и е прогласена за една од стоте најдобри книги на дваесеттиот век според реномираниот француски весник „Монд“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.