Трајче Кацаров  е автор на најдобрата поема во ракопис за 2021 година која ја доделува НУЦК „Григор Прличев“ Охрид . Кацаров со поемата „Цветко“  се здобива со  престижната награда „Григор Прличев“.

Имено, авторот на наградената поема е поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Кацаров е вработен како драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Народен театар Штип. Тој е наставен доцент на Интернационалниот универзитет за аудио-визуелни уметности „Еуропа Прима“. Во 1993 година го основа Списанието за уметност СУМ и до ден-денес е негов главен и одговорен уредник. Во 1996 година со група истомисленици, го основа списанието Месечникот за театар „Тренд театар“ и станува негов уредник. Во 1997 година со група автори, го основа весникот на ДПМ „Стожер“. Од 2017 година е главен и одговорен уредник на Списанието на ДПМ „СТОЖЕР“. Како издавач има објавено триесетина книги од науката, есеистиката, уметноста и публицистиката, меѓу кои се: „Маларме“ од Ги Мишо, „Вера и скпеска“ од Јиржи Менцел, „Системот на Антонен Арто“ од Вадим Максимов, „Актерската игра“ од Михаил Чехов.

Наградената поема „Цветко“ ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себеси, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе.

Поемата „Цветко“ пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања. Поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја , обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко, стои во образложението од НУЦК „Григор Прличев“.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.