Во Музеј на македонската борба, 20 часот вечерва свечено ќе биде затворен фестивалот „Златна лира“ со доделување на наградата „Златна лира и концерт на ТРИО АУРА.

Страшо Темков – флејта
Марјан Милошевски – фагот
Ана Гацева – пијано

На програмата на концертот на Триото АУРА се дела од Лефебре, Иванов, Доницети, Морлаки, Пјацола.

Триото АУРА го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти по покана на реномирани меѓународни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, Софија, Нишки фестивал, фестивал „Барски љетопис“, фестивал „Еспресиво“ – Цетиње, фестивал „Нимус“, фестивал „Ледамус“, Врање, Ваљево итн, несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.


Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Чести гости се на реномирани меѓународни фестивали во земјата и странство, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко високо естетско камерно музицирање високо го карактеризира „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.

НАГРАДА „ЗЛАТНА ЛИРА“

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2021 година му се доделува на кларинетистот Ристо Ѓоревски.

Ристо Ѓоревски завршува нижо и средно музичко училиште во Битола во класата на професорот Панде Татарчевски, а своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Иван Кочаров, во чија класа ги завршува и постдипломските студии во 2006 година. Уште во текот на своето образование забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Наградуван е со прва државна награда за кларинет во 1994 и 1997 и прва државна награда за камерна музика во 2002 година, а во 2015 година како ДУО КЛАРИНЕТИ Ѓоревски-Бакревски ја освојуваат сребрената награда на натпреварот Свирел во Словенија во категоријата камерни состави.

Концертно настапувал на повеке соло рецитали но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека сега е активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Забележителен е и неговиот настап на Скопско Лето 2009, на концертот по камерна музика заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и со младинскиот оркестар на КултурОп под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас. Исто така, голем впечаток и позитивни критики беа забележани после неговиот настап заедно со Сергеј Петров – прв кларинетист на Бољшој театар (Москва) и Елена Атанасовска Ивановска – пијано на фестивалот Охридско лето 2014, како и на Битфест 2014.

Како член на различни оркестри настапувал со Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност-Скопје, камерниот оркестар Св. Софија, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија-Скопје, оркестарот Јохан Штраус, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика FAME’S Скопје, Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската Oпера и Балет каде што е и вработен. На меѓународно ниво настапувал во Интернационалниот младински оркестар-Сараево 2003 година, Кралскиот симфониски оркестар при палатата Виланов – Полска, Меѓународниот Московски Фестивал за Славјанска Музика, каде што е член на жири комисија а воедно има и солистички настапи во рамките на истиот фестивал и др. Посетувал семинари кај Филип Пагљалонга, Јоко Јокота, Пол Маер, Николас Кокс. Има реализирано повеќе аудио и ТВ записи како и издадени два компакт диска со Скопскиот дувачки квинтет, а неодамна го издаде и својот прв солистички компакт диск.

Неговите настапи биле дел од повеќе фестивали како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест-Битола“, „Хераклејски вечери“, Битфест, „Штипско лето“, „Дојрански ракувања“, „Сараевска зима“, како и настапи со различни формации, оркестри или солистички во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Бугарија, Полска, Русија, САД, Индонезија и др.

Настапувал и како солист со Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет, а забележителен настап како солист има и со Московскиот државен академски симфониски оркестар во Москва  во 2015 година и со Дувачкиот оркестар на Музичкиот универзитет Фредерик Шопен во Варшава, Полска 2017 г. Ристо Ѓоревски во 2018 заврши специјализација за изведба на кларинет на Музичкиот универзитет Шопен во Варшава, Полска и истата година на Интернационалниот фестивал Клариманиа во Вроцлав, Полска учествуваше како прв учесник од Македонија каде што се претстави со рецитал, предавање и мастерклас. Од тогаш е редовен гостин на фестивалот.

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за животно дело, овој пат му се доделува на кларинетистот и универзитетски професор Иван Кочаров.

Иван Кочаров дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград, Србија (класа на проф. Бруно Брун). Во 1969 година се вработува како прв кларинетист – солист во оркестарот на Македонската филхармонија. Истовремено е избран за професор на ФМУ во Скопје, тогашна Висока музичка школа. Постдипломски студии завршува во Белград во 1978 година кај истиот професор, како прв магистер по кларинет од Македонија. Од неговата класа по кларинет досега имаат дипломирано околу 90 студенти, активни учесници на концертната сцена во Македонија и надвор од границите.

Уште како ученик во средното музичко училиште и подоцна како студент во Белград, Кочаров учествувал на бројни семинари, мастер класи и натпревари во тогашна Југославија и надвор од нејзините граници. Настапувал како солист со Камерниот оркестар на Музичката академија во Белград, а во 1967 година настапил како солист со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Тодор Скаловски. По завршувањето на студиите почнува богата солистичка концертна дејност, со бројни реализирани рецитали и полурецитали и како солист со Македонската филхармонија во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. Во неговото портфолио како солист со Македонската филхармонија се впишани 24 реализирани концерти. Настапувал како солист со оркестарот на Темишварската филхармонија под диригенство на Николај Бобок. Долги години бил член на реномираниот Ансамлб за современа музика „Св. Софија“ со кого реализирал концерти во бројни градови од поранешна Југославија, на фестивали како „Охридско лето“, „Дубровнички летни игри“, „БЕМУС“, како и на концерти во Италија, Франција, Чехословачка, Тунис, Турција. Петнаесет години е член на Скопскиот дувачки квинтет со кого реализирал преку 300 концерти во земјата и надвор од неа. За својата уметничка дејност е добитник на наградата „13 ноември“ на Град Скопје. Настапувал како солист и со Камерниот ансамбл на РТС на концерти во Скопје и Штип. Со горенаведените состави има снимено голем процент минутажа за радио и телевизиски емисии, од кои ,,Рондо” од македонскиот композитор Стојан Стојков и сонатата ,,ин-ес”од Благој Цанев, се ставени на плоча на дела од македонски автори. Во 2006 година ја добива државната награда „Св. Климент Охридски“.

Музичката критика за настапите на Иван Кочаров се огласува со позитивни оцени, истакнувајќи ја неговата музикалност, одличната техника, сигурна интерпретација, топол тон, чувство за внатрешна логика на делото, интерпретаторска зрелост и сугестивност.

Влезот на концертот е слободен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.