Во театарот „Војдан Чернодрински“ вечерва од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Стапица за глувци“ во режија на Борис Василески.
Претставата ќе се базира на реалистична игра на актерите и стилизираната сценографија на пансионот, кои доведуваат до потполно доловување на атмосферата вели режисерот.
-Претставата ќе зборува директно за прашањето – Кои се маски ги користат луѓето за да го постигнат она што го сакаат? Колку злосторството во ова тензично време може да резултира само со злосторство и ништо повеќе од тоа? Зошто и како злосторот во нашиот генетски код е врежан длабоко во нас, и за кој треба да бидеме свесни за да можеме да превенираме? Претставата ќе посочува, но и ќе ја брани перспективата на сите ликови со цел да ја одржува неизвесноста која се случува внатре. Ќе биде емотивен и тензичен ролеркостер за публиката, давајќи и доказ дека никогаш не може да се знае целосната вистина за она кое навистина се случило, оставајќи ја шокирана до крај. Претставата ќе биде трилер со комично фарсични елементи, задоволувајќи ги апетитите на прилепската публика, давајќи му повод на секој граѓанин да дојде во театар со цел да гледа возбудлива претстава – вели режисерот Борис Василески, кој првпат режира во прилепскиот театар.
Во претставата играат Илија Волчески, Даниела Иваноска, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Михајло Миленкоски, Сара Спиркоска, Александар Тодески и Димитар Горѓиевски. Драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, за сценографијата и дизајнот на светло се погрижи Мартин Манев, за костимите Марта Дојчиновски, а за музиката Томе Темелкоски.
Ова е последна премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ за 2023 година, а е поддржана од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.