Современиот балет „Сага“ на Рисима Рисимкин ќе биде изведено вечерва во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет, на јубилејното 20. издание на Танц-Фест Скопје, што се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“. Претставата е дел од програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со Националната опера и балет.

„Сага” е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Балаж Лочеи, (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Копнеж со Франциско Хименез Руиз, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицева, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска.

Извонредните танчери на Националниот балет и авторскиот тим, создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната “Везилка” на великанот Блаже Конески.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.