Во Камерната сала на Филхармонијата,  беа доделени наградите на СОКОМ  во рамките на 45.издание на Денови на македонска музика. Комисијата во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор, наградата „Георги Божиков“ која Сојузот  на композитори на Македонија ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2021 година , ја додели на Камерното дуо Владимир Костов (виолина) и Марија Вршкова (пијано).

Комисијата во состав: проф. д-р Јане Коџабашија, композитор, проф. Живојин Глишиќ, композитор и Марко Коловски, музиколог, Наградата „Трајко Прокопиев“  што е највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата, ја додели на македонскиот композитор Љупчо Константинов за неговото обемно творештво, за филмска и театарска музика.

Настанот беше заокружен со концерт на новоформираниот гудачки оркестар „Ајга“ под диригентско водство на младата диригентка Ана Спасовска и беа изведени дела од Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Александар Пејовски, Стојан Стојков и Тодор Скаловски (оркестрација Ристо Аврамовски). Како солисти настапија Маја Чаначевиќ – англиски рог, Горан Јанев – хорна и Владимир Костов – виолина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.