Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 20. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата. Овој ден, востановен од УНЕСКО, традиционално се одбележува третиот четврток од ноември и се слави низ целиот свет, потенцирајќи ги вредноста и придобивките на филозофијата.

Светскиот ден на филозофијата кај нас ќе биде одбележан со симпозиум насловен „Адам Смит:300 години од раѓањето“ на кој е најавено учество на осум истакнати филозофи, професори и истражувачи – Љубомир Гајдов, Радомир Виденовиќ (Србија), Денко Скаловски, Стивен Фридман (САД), Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Куштрим Ахмети и Игор Поп Трајков.

На одбележувањето ќе се обрати деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и раководителот на Институтот за филозофија, проф. д-р Ана Димишковска.

Традиционално по седми пат ќе настапи квинтет гитари на студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. м-р Дарко Багески, коишто ќе изведат пасажи од Жизмонти, Пиацола и Бах.

Ќе биде доделена и нововостановената награда „Константин Философ“ за животно дело, којашто годинава ќе му биде врачена на академик Ферид Мухиќ.

Првото одбележување на Светскиот ден на филозофијата кај нас датира од 2004 година (18-19 ноември) кога се одржа дводневен симпозиум со наслов „Филозофската, политичката и педагошката мисла на Џон Лок“. Настанот започна со првата Беседа за филозофијата, којашто тогаш ја одржа академик Георги Старделов (1930-2021). Беа промовирани и неколку значајни публикации – „Искушението на естетичкиот ум — 20 век“, „Балканска естетика“ и „Angelus novus“ од Старделов; македонскиот превод на „Оглед за човечкиот разум“ од Џон Лок (превод од англиски јазик: д-р Дејан Ничевски), како и „Филозофски текстови – избор“ од проф. Јонче Јосифовски (двете последни книги во издание на „Аз-Буки“).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.