Со претфестивалска проекција на документарниот филм „Адио југофилм, адио југофестивал, адио Југославија.. се гледаме во следната војна“ на хрватски актер и режисер Игор Гало, денеска, на 29 август ќе започне третото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека на Македонија.
Режисерот Гало ќе биде гостин и пред проекцијата ќе зборува за своето творештво, но и за темата на неговиот филм – историјата на Филмскиот фестивал во Пула.
Како што најавија од Кинотеката, официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 30 август, со проекција на немиот филм „Калабака: Тајните на непознатата Европа“. Филмската проекција на овој филм од немата ера ќе биде надополнета со музичка изведба во живо на Добрила и Доријан дуо.
Проекцијата на филмот „Калабака: Тајните на непознатата Европа“ е во соработка со EYE Filmmuseum од Амстердам, а како дел од таа соработка, публиката исто така, на 31 август ќе може да го види и филмот „Брилијантниот биограф: Најраните подвижни слики на Европа (1897 – 1902) – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“ во светот.
За нас е особено значајно што оваа година гостинка на фестивалот, покрај Гало, ќе биде и Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum oд Амстердам. Таа ќе одржи и две работилници – едната за идентификација на неми филмови, а другата за платформата за музички партитури за неми филмови – Eye Film Player – која неодамна холандскиот филмски музеј ја направи достапна за јавноста, соопштија од Кинотеката.
Покрај овие проекции, во соработка со ГЕТЕ-институтот во Скопје, дел од фестивалската програма ќе биде циклусот филмови на германскиот режисер Волкер Шлондорф. Од депоата на Хрватската кинотека при Државниот архив на Хрватска, македонската публика ќе може да проследи три циклуси на кусометражни филмови: анимираните филмови произлезени од Студиото за анимиран филм на „Загреб филм“, потоа документарни и кратки играни филмови од хрватски автори, како и циклусот неми филмови во режија на хрватскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ. Во рамките на оваа програма, гостин на фестивалот ќе биде и Јурај Кукоч, филмски архивист и филмски критичар од Загреб.
Покрај овие циклуси, на фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на Кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез-пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.
Затворање на фестивалот е на 4 септември, со проекција на ново-дигитализираниот филм „Мементо“ од 1968 година во режија на Димитрие Османли, кој годинава беше дел од проектот „Сезона на филмските класици“, организирана од Асоцијација на европските кинотеки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.