Со претставата „Мојот маж“, Драмски театар од Скопје ќе учествува во натпреварувачката програма на Фестивалот на медитеранскиот театар Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора. Претставата ќе се игра на Летната сцена во Тиват на 25 август од 21 часот.
При претставувањето на годинешната програма на Пургаторије, Горан Божовиќ, директор на Центарот за култура Тиват, рече дека во програмската селекција на театарскиот режисер и професор на Академијата на уметностите во Нови Сад, Борис Лијешевиќ се 10 претстави што со огромен успех се играат на своите матични сцени во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора.
Од оваа година организаторот најави дека покрај наградите за најдобра претстава, најдобра машка и женска улога, награда за актерско остварување и визуелно техничка иновација се водедува и награда за најдобра режија „Јагош Марковиќ“, во чест на починатиот театарски режисер.
Селекторот на фестивалот, Борис Лијешевиќ, рече дека претставата „Мојот маж“, работена според колажот од расказите на Румена Бужаровска и авторските монолози е претстава што говори за проблемите на брачната структура на Балканот каде сѐ се менува. Тој вели: „Од фирми, продавници, држави, градови, сѐ се менува, единствено односот кон жената е непроменет“.
Режисерка на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова – Петровска. Драматизацијата е на Витошевиќ и Рангелова – Петровска, според истоимената книга на Румена Бужаровска. Костимограф е Роза Трајчевска Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски, а асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Витошевиќ.
Играат Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.