Со Отворен ден во Спомен -куќата на Коста Солев Рацин денеска во Велес почна програмата од 60-те јубилејни Рацинови средби. Бројни ученици беа во посета и можеа изворно да видат предмети и документи од животот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Најмногу се интересираа за грнчарското колце, за неговата машина за пишување, неговата соба, каде седел, каде пишувал до доцна во ноќта .Освен од велешките училишта и од Велешко, Спомен-куќата организирано со своите професори во текот на целиот ден ја посетија и ученици од приватното училиште „Нова“ од Скопје.
Спомен-куќата е отворена, а влезот е бесплатен за сите посетители до вечерва до 22 часот.
Александра Андреева од Општина Велес изјави дека нема подобро место во Велес како неговата родна куќа, каде живеел и творел Рацин и од неговото родно огниште да започнат годинашните јубилејни 60-ти Рацинови средби.
Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј, кој е организатор на првиот ден од средбите, потенцира дека денеска сме на гости кај Рацин. Идеја која, како што рече, одлично кореспондира со учениците кои се присутни во неговата Спомен-куќа.
Рацин е Балканска Лорка икона на градот со која се гордееме, потенцира Коруновски.
Тој појасни дека освен што можат да ги видат собите на куќата на Солеви, предмети на Рацин и документи, посетителите имаат и можност да слушаат и аудио стихови од Рацин во изведба на актерите Сандра Станчевска и Кире Ацевски.
Во Спомен-куќата на Коста Солев Рацин вечер во 19 часот премиерно ќе биде прикажан видео материјалот што го изработи Народната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во кој е прикажаното неговото творештво.
Рациновите средби со богата програма ќе траат до 15 јуни, кога на свеченото затворање вечерта ќе бидат врачени Рациновото и Почесното Рациново признание за 2023 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.