Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 18 февруари 2023 (сабота) одбележува 73 години од формирањето. Годишнината ќе биде одбележена со изведбата на претставата „Декамерон“ според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, со почеток од 19.30 часот, соопштија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е од Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, додека вокал и музички соработник е Ана Митоска.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

„Декамерон“ е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух. Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин.

„Декамерон“ е претстава полна со живот. Претстава која стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста, истакнуваат од НУЦК „Марко Цепенков“.

Првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, изиграна на 18 февруари во 1950 година. Оттогаш, разните генерации актери, ределе премиери една по друга, нижеле успеси, а ансамблот се збогатувал со искуство. Денес, повторно, заради пензионирање на четворица актери, има недостиг од актери.

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ досега се изведени околу 370 премиери, изиграни над 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави во 73-годишното постоење се „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“, исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.