На 2 Април, Светскиот ден на литературата за деца, македонската публика станува побогата со сликовницата „Љубовта спасува животи“, едно од најпознатите дела на реномираниот илустратор, сликар и скулптор во Хрватска, Свјетлан Јунаковиќ.
Објавувањето на „Љубовта спасува животи“ во Македонија е најава за гостувањето на Јунаковиќ на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2022“ чие 4-то издание ќе биде отворено во јуни токму со голема ретроспективна изложба на овој плоден автор во Националната галерија. Јунаковиќ, кој важи за еден од најактивните продолжувачи на традицијата на југословенска школа за илустрација, ќе одржи и неколку предавања во рамките на фестивалот Литера.
Книгата „Љубовта спасува животи“ е вистински пример за уметничка и авторска сликовница, модел за добра литература за деца, која е преведена на десетина јазици низ целиот свет.
Едноставната приказна за Ели и нејзиниот татко е раскажана од две перспективи – на дете и на возрасен човек. Врвната илустрација на Јунаковиќ ги спојува двата тека во една компактна целина.
Свјетлан Јунаковиќ е еден од најпознатите илустратори од регионот, професор на Академијата за ликовна уметност во Загреб и визитинг-професор на академиите во Виена, Италија, Шпанија итн. Автор е на повеќе од двесте илустрации на сликовници, книги за деца и за возрасни. Јунаковиќ изложува во најголемите уметнички центри, а добитник е на најзначајните хрватски и светски награди за уметност и илустрација.
Сликовницата „Љубовта спасува животи“ од хрватски на македонски јазик ја преведе Сребра Ѓорѓијевска, а изданието е дел од едицијата за уметничка сликовница „Џагор“, на издавачката куќа „Софија“ од Богданци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.