Синдикатот на културата го нарече „некултурен“ буџетот за идната година

Синдикатот на културните работници на Македонија објави отворено писмо со кое реагира на кастрењето на буџетот во културата. Во него стои:

„Откако го видовме буџетот за 2023 година, сакаме да ја информираме Владата на Република Македонија дека оваа земја, покрај огромниот број измислени работни места за партиски гласови, измислени институции, покрај огромниот број профитери и неплаќачи на данок, има и култура што треба да биде поддржана, негувана, промовирана, затоа што народот некако си ја сака, си ја почитува.

Сакаме да ја информираме Владата дека економската и енергетска криза тешко влијае и на институциите од културата. Во текот на целата 2022 година постојано слушавме дека кризата ќе нѐ уништи сите, па ќе мора да ги трпиме енормните поскапувања на сите трошоци за живот, дека ќе мора да готвиме во помалото тенџере, ќе мора да работиме со изгаснати светла, без греење, без ладење, без струја, без трошоци, без храна, без воздух… Дека Владата некако сепак ќе биде главниот јунак и ќе ни помогне да опстоиме.

Во културата, во оној сектор што за Владата е подобро да не постои, на почетокот на економски страшната 2022 година, кај повеќето институции буџетот беше скратен, а со ребалансот, вкупниот буџет за култура беше скратен за 35%. Немаше пополнување на празните работни места кога некои наши колеги отидоа во пензија, немаше пари за унапредувањата, немаше пари за фестивали, немаше пари за програма. Немаше пари за култура. Имаше помош за гиганти, за неплаќачи на струја, беа помогнати неплаќачи на даноци, беа покриени долгови на општините и јавните претпријатија, беа исплаќани хонорари на луѓе што воопшто не живеат во државата. Владата, колку може, ‘помогна’ одвојувајќи од нашиот буџет.

Иако почитуваната министерка најави дека во 2023 година очекува буџетот за култура да биде двојно повисок од 2022, гледаме дека истиот е намален. Иако енормното поскапување на трошоците ги доведе институциите до раб на издржливост, па како и сите други помисливме дека и нам можеби некако ќе ни се помогне, дојде кратењето на буџетот. За 35%. Независната сцена беше оставена да преживува. Сега сфаќаме дека и тоа ни било многу.

Сакаме да ја информираме Владата дека покрај спортистите, културните работници се единствените што во континуитет земјата ја претставуваат на меѓународната сцена и остваруваат успеси. Освојуваат меѓународни награди и признанија. Успешно, колку што можат, ја претставуваат земјата во светот како културен натпревар. Сепак носат некаква радост на народот, кој се гордее со секој успех и на спортот и на културата. Би се гордеел и на политичките успеси. Но, спортистите и културните работници работат во студени сали, со скршени прозорци, во градби што се неупотребливи кога ќе заврне дожд. Понекогаш сме принудени да го користиме тоалетот на соседното кафуле, ама таму барем е топло.

Секогаш сме имале разбирање за потребата на секоја Влада да ги преполни институциите со партиски директори, бидејќи други нема. Не е важно што тие не можат да обезбедат тоалетна хартија или да искречат. Важно е да се купат џипови. Со 6 звучници. Да има златен прибор за јадење во Владата. Ние, без пари, смрзнати, во сали што се распаѓаат, повторно ќе освојуваме меѓународни награди. И ќе се сликаме. Заедно со претставници на Владата. И многу ќе ни биде мило што тие ќе мислат дека тоа е нивни успех. Исто како што се сликаа со Горан Пандев, кој на калливите фудбалски терени во Македонија си ги кршеше нозете за да може некои функционери да се сместат во ложите на стадионите на европското првенство.

Е, па господа, 90% од младите луѓе сакаат да си заминат од државава. Немаат намера да мрзнат, да си ги кршат нозете, да си го губат здравјето, за некој да може да се слика. Кој сака да се слика, нека се слика“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.