Сергеј Андреевски роден е во 1960 во Скопје. Претставник е на експресионизмот во македонското сликарство, со нагласок на гестот, примарните бои и егзистенцијалниот карактер на самиот чин на сликање. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а реализирал студиски престои во Рим, Нинберг, Архус, Париз, Њујорк, Северна Каролина, Имадате, Истанбул…Реализирал над 400 групни изложби и 53 самостојни изложби во Европа, САД и Азија. Добитник е на повеќе награди и признанија, а неговите дела се дел од поставки на приватни колекционери и национални установи во земјава, и во странство (Германија, Франција, Словачка, Велика Британија, Турција, САД, Тунис, Египет, Јапонија, Кина, Индија, Јужна Африка, Австралија и др.). Тој е основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој Арт поинт – Гумно со седиште во село Слоештица, во чии рамки успешно се реализира Уметничка резиденција со гости од сите континенти.

Поводот за разговор со Сергеј Андреевски е јубилејната изложба „Хартии“ што од 12 мај до 12 јуни е поставена во Музејот на македонската борба за самостојност и претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија во изминативе 35 години.

Ретроспективната изложба „Хартии“ предизвика внимание и голема посетеност. Делата може да се погледнат до 12 јуни во Музејот на македонската борба. Кажете ни нешто повеќе за изложбата. Колку дела се поставени? Како ја правевте селекцијата?

Радосен што моите изложби предизивикуваат среќа и внимание кај љубителите на ликовната уметност. Тоа е, ми се чини, најголем предизвик во животот. Да направиш другите луѓе да се среќни. И во овие тешки времиња да се биде оптимист е убава цел. На изложбата видов многу весели луѓе и насмеани лица што ми дава потстрек за нови авантури во моите ликовни истражувања што се случува изминативе неколку децении.

Изборот е направен од околу 300 творби на хартија, а изложени се триестина во просторот на Музејот на македонската борба за самостојност.

Инаку, селекција ја направивме заедно со Кирил Пенушлиски, кој навистина се внесе во моето 35 годишно творештво и се обидовме да направиме еден пресек на дела кои реално ја прикажуваат сликата за моето сликарско искуство. Карактеристично за оваа изложба е што се изложени дела кои се создавани исклучиво на хартија. Затоа и насловот на изложбата е „Хартии“.

Кирил Пенушлиски во текстот посветен на изложбата го цитира поетот Вордсворт  „Наполнете ја хартијата со биењето на вашето срце“ и писателот Хемингвеј „Мојата цел е да го ставам на хартијата тоа што го гледам и што го чувствувам на најдобар и наједноставен начин“, укажувајќи на тоа дека Вие како уметник како да сте ги зеле за свое кредо… Се пронаоѓате ли во овие искази?

Јас би додал дека можеби создавањето на хартија е најискрено бидејќи хартијата сама по себе е чиста и едноставна, па затоа и моите потези врз неа се длабоко од душата.

Јас на хартија ја ставам природата. Бидејќи воглавно сакам да сликам надвор и природата најмногу ме возбудува и инспирира. Сликите од неа е тешко да ги пренесеш на хартија бидејќи таа е совршена, а ние луѓето можеме само да се обидеме да ја имитираме преку уметност. Таа е моќна, несовладлива, а мојот однос кон неа е понизен. И треба да бидеме понизни. Мојот апел до човештвото е да не забораваме дека сме дел од природата. Таа може без нас, а ние не можеме без неа.

 

Во текот на животот сте биле опкружени со литература… Светлана Христова Јоциќ и Петре М. Андреевски и се мошне добро познати на македонската и светската литературна јавност. Колку литературата и книжевноста воопшто има влијание во Вашето творештво?

Поезијата и воопшто литературата секако се работи што се вткаени во мене. Така што неизбежно е одврeме- навреме да се наѕре однекаде. Литературата и јас сме како една плетка која има поврзани нишки. Ако моите родители ги користеа зборовите за експресија на чувствата јас ги користам боите како печатарска преса врз хартијата. Поетиката ја има во моето творештво. Тоa е најголемата врска со моите родители.

Јас пишувам есеи за ликовна уметност, но татко ми, повеќе на шега ми велеше – ти синко држи се до четката и до боите. Таму си посилен.

А мајка ми пак, ги фалеше моите есеи, бидејќи понекогаш поврзувам и работи кои се дури и спротиставени.

Јас мислам дека мајка ми беше во право.

 

Како почнавте да се занимавате со ликовна уметност?

Од четиригодишна возраст. Како дете ги осетив боите. Имам цртежи од четиригодишна возраст, мајка ми ги чуваше. Сите моите тетратки од основно училиште беа буквално испочкртани со цртежи од потсвеста.

 

„Хартии“ не води од самите почетоци, од Вашите студентски денови, па преку Вашите патувања во Италија, Германија, Јапонија, Америка, Тунис, Египет… Каде се имате изложувано?

Речиси секаде низ светот. Мислам дека моето сликарство е универзално и го има обиколено светот. Од сите континенти немам изложувано само во Австралија. Но имам еден сон, а тоа е да изложам на Антарктик, кој е ретко населен континент, но има бази со научници, кои истражуваат за заштита на нашата планета за загрозеноста и за продлжување на човештвото. Би сакал моите дела да ги видат тие очи на истражувачи, луѓе од таков калибар и со таков дух.

Посебни места во мојата душа имаат изложбите и средбите со луѓето од Шкотска, Тунис и Египет кои се различни од нас, но имаме сличен менталитет бидејќи првите, колку и да звучи чудно, се слични на нас, на пример свират гајда, нивната носија има килт, а нашата има нешто слично, дополнително тие се борци по дух. Вторите пак, мислам на Египет и Тунис, од нив не дели само една географска линија Мадитеранот, а се топли и ведри дух и, иако сиромашни, многу срдечни, отворени, кога станува збор за гостопримство.

Би ги додал и Јапонија и Кина кои технолшоки се напредни, но традицијата ја има и во модерниот живот.

 

На изложбата се поместени и скици и цртежи што сте ги работеле буквално додека патувате во воз или во авион. Моментална ли е инспирацијата или обмислувате пред да изработите едно дело?

Никогаш не размислувам пред да создадам уметничко дело. Често ми се случува да почнам со портрет, а да се претвори во цвеќе, или обратно. Моето сликарство е спонтано со внатрешни импулси, најблиску до џезот.

Најголемиот дел од нив досега биле изложени на неколку контитенти, но не и во Македонија. Зошто?

Секогаш сакав да се натпреварувам со светот, како дел од нашата култура. Бев првиот што изложуваше надвор многу интензивно пред и веднаш по дипломирањето на нашата ликовна академија. Светот е моето атеље.

 

Најавивте и монографија. Кога да ја очекуваме?

Не знам дали ќе биде класична монографија, но ќе биде книга која ќе опфати творештво од подолг период. Обмислена е, дизајнот се привршува. Што ми е многу драго, дизајнот го направи ќерка ми Воскресија Андреевска, која и самата е уметник. Особено сум горд на неа, затоа што самата е етаблирана во светот на дизајнот и уметноста. Да не ми се налути син ми Меглен, тој создава во светот на добрата, што е уметност само по себе бидејќи тој работи во компанија која носи струја од ветерници од Норевешка во северна Германија. И на тој начин ја исполнува мојата мисија за заштита на планетата.

 

Изминативе две години светот живееше во изолација. Какви поуки извлековте од пандемијата? Влијаеше ли таа на Вас како уметник?

Бидејќи самото сликање е спиритуална, духовна работа, не ми пречи да сликам и сам. Понекогаш сакам да направам перформанс пред публика за да ја пoчувствуваат мојата енергија. Ми пречеше бидејќи не беше возможно да ги изложиме нашите дела. Да ги споделиме со публиката тоа што сме го направиле. За време на пандемијата работев, сликав, но ќе остане новиот циклус Азбука за понатаму, ќе сведочи за работата за време пандемијата. Таа изложба беше претставена на кратко во Битола и предизвика големо внимание.

Таа серија слики се појави правејќи мали слики. Неако забележав дека почнаа да се појавуваат букви. Истовремено лушнав дека е годишнина од раѓањето на нашиот великан Блаже Конески, па мислам дека енергиите од нашето битисување се пренесоа на платно преку тој циклус.

Така што да заклучам, пандемијата не влијаеше многу на моето творештво, но жал ми што таа, прво однесе многу животи, а второ ги намали контактите меѓу луѓето. Знате како велат, добрата уметност се создава во тешки времиња.

Со изложбата одбележувате 35 години творештво. Што претставува сликањето за Вас?

Нема поголема радост, прво да се создаде нешто. Веќе со првото истурање боја врз платното хартијата или платното ми даваат одговор. Се случува нешто, се создава живот. Најубавото чувство е кога сликам несвесно, а се раѓа нов почеток. Во иднината тој ќе стане и ќе остане. Во претходната фаза го довршувам со рацио, со свест и со внимание.

 

Во Вашите дела преовладува зелената боја. Има ли некакво значење?

Да, во право сте. Често сум давал изјави дека зелената е моја боја бидејќи детството го поминував на Плакенска планина, заедно со дедо ми Мито, опкружен со зелено море и бранови од звуци што веројатно е длабоко наталожено во мене, а го исфрлам при секој нов потег на платното.

Голем дел од времето поминувате во Слоештица…Таму доаѓаат и Ваши колеги, сликари од цел свет, но и пријатели од Македонија. Со што Ве освои?

Слоештица ме освои со питомоста. Отсекогаш сум сакал на светот да му ја покажам таа природа и потомост. Значи, она што ми недостасуваше во Слоештца беше светот. Затоа, заедно со семејството, решивме да го донесеме светот во Македонија, поточно во длабочината на Македонија, а тоа е Слоештица како природен репрезент на секое мало место од нашата таковина.

Ќе речете дека е тажно што во самостојна Македонија не успеавме да се одбраниме и да создадеме модерна граѓанска држава со ред и поредок,  држава која ќе биде продолжение на силата на Конески, Бадев, Манчевски, Сариевски, Вања Лазарова, Гане, Анте, Вашиот татко, Петре М. Андреевски и Вашата мајка, Светлана Христова Јоциќ, на Гапо, Мазев и илјадници други знајни и незнајни културни сподвижници...

Тажно е. Зошто го велам тоа? Затоа што македонската нација дожевеа ренесанса токму во тој период. Во тоа наше време, јунаци беа ликовите што ги спомнавте. И можеби не треба да се враќаме премногу назад. Тие секако влечат курени од претходните преродбеници како Рацин, Жинзифов, Вапцаров, Прличев, Чуповски и многу други, а тие темел за ренесансата од времето на Конески. Она што ние треба да направиме е да ја продложиме мисијата на нашите претходници. Ако го следевме нивниот дискурс се ќе беше поинаку, а и убеден сум подобро.

Ние мора да развиваме автентично граѓанско општество кои почива на премисите што ги зборував погоре. Не треба по секоја цена, некритички да прифаќаме се и сешто туку да ѕирнеме во нашата најдобра историја и да произведеме автентичен производ кој рамноправно ќе не претставува во светот. Затоа што ние и порано, а и денес имаме поединци кои бриљираат во светот, што е доказ на нашата културна и духовна посебност.

 

Може ли да се живее од уметност?

Уметниците живеат најдобро. Духовната храна е суштинска.

фото: Сашо Димоски

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.