Законот за македонски јазик е веќе готов, се разгледува од правен аспект и се очекува да се најде на владина седница, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24.

Таа додаде дека пред испраќањето во Собрание на нацрт-законот, текстот ќе биде претставен за јавна расправа.

Законот за употреба на македонскиот јазик всушност предвидува мерки за тоа како да се промовира македонскиот јазик, како правилно да се имплементира… Тој закон предвидува стратегија за македонскиот јазик. Оние спорни делови, кои беа причини законот да се стопира во 2020 година сега се отстранети, бидејќи постои начелен договор за тие моменти поинаку да се регулираат, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува лектори во секоја државна институција, но и поголеми казни за оние што не го употребуваат како што треба македонскиот јазик, соодветно со лекторите.

Тој предвидува и афирмација во градинки и училишта. Советот за македонскиот јазик е составен од професионалци, коишто долги години се занимаваат со оваа тематика и точно знаат каде треба да се реагира и тие извесен период работеа на тој закон, истакна Костадиновска-Стојчевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.