На 2 април (сабота), во 12 часот на пладне, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Аквизиции – донации 2017-2021“. Наедно ќе може да се ужива и во првото пролетно матине со единствениот поглед кон градот.

Куратор на изложбата е кустос Ива Димовски и кустос соработник Бојана Јанева.

На поставката ќе бидат изложени дела, кои музејот ги има добиено по пат на откуп и донација од 2017 година до денес и ќе бидат претставени 35 автори од македонската визуелна сцена, изложени 72 уметнички дела, од кои, осум се откупени од Министерството за култура, а 64 се донирани на музејот.

За првпат ќе бидат поставени дела од основоположниците на модерната како Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Владимирски, Аврамовски… кои досега не се прикажани во јавноста.

Овој принцип на претставување донирани и откупени делата пред јавноста, музејот го негува уште од 1963 година. До 2000 година, МСУ организираше две засебни поставки „Подарени дела“ и „Аквизиции“, кои за првпат се спојуваат во една изложба „Донации – аквизиции 1987-2000“. Оваа изложба, како и претходните, продолжува со истата идеја да ги презентира квалитетот и квантитетот на делата од колекцијата, прикажување на минатото, не заради самата историја, туку и поради рефлектирање на важноста за сегашноста и иднината и за колекцијата и Музејот. Примарната функција, односно начинот на збогатување на колекцијата преку откупна политика и понатаму останува ненадминат проблем, но затоа музејот изразува огромна почит и благодарност до уметниците и донаторите, кои и понатаму несебично ја збогатуваат колекцијата на МСУ. Поттикот за донирање останува и понатаму како главен адут на проширување на збирката на музејот, вели Димовски.

Една од позначајните донации е оставнината на почитуваната проф. д-р Радмила Угринова – Скаловска, донација од 37 уметнички дела. Понатаму, уметникот Глигор Стефанов, ги подари сите негови дела од ретроспективната изложба, која беше реализирана пред неколку години во МСУ, како и несебичниот потег на авторката Кристина Пулејкова, која ја подари нејзината самостојна изложба, по повод наградата за најдобар млад уметник од Биеналето на млади уметници во 2016 година.

Изложени ќе бидат и делата од авторот Симон Узуновски (донација од Крсте Џидров), откупите од страна на Министерството за култура на Р.Македонија, во 2017, од авторите Кирил Гегоски, Жанета Вангели, Ибрахим Беди, Миле Корубин и други. Станува збор за уметнички творби кои содржат разни медиуми: слика, скулптура, графика, акварел, цртеж, видео и инсталација од авторите: Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Мира Апостоловска, Љубомир Белогаски, Жанета Вангели, Иван Велков, Томо Владимирски, Кирил Гегоски, Владимир Георгиевски, Божидар Дамјановски, Катја Ефтимова, Беди Ибрахим, Богољуб Ивковиќ, Александар Јанкуловски – Цане, Ристо Калчевски, Киро Караџа, Миле Корубин, Вангел Коџоман, Зоран Малиновски, Власе Николески, Трајче Николовски, Данчо Ордев, Благоја Попоски, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Александар Ристески, Глигор Стефанов, Ана Темкова, Симон Узуновски, Никола Фидановски, Слободан Филовски, Симон Шемов и Теофил Шулајковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.