Вчерашниот прв ден од осмото издание на фестивалот на европска литература „BookStar“ помина во знакот на еден од 13-те годинашни учесници – ѕвезда во вистинска смисла на зборот – исландската писателка Ирса Сигурдардотир. По инспиративниот разговор, насловен „Тајните на животот, мистериите на литературата“, со најпознатата и најнаградуваната исландска aвторка на трилери, кој го водеа Јордан Коцевски и Александар Маџаровски, редици читатели, повеќе од два часа, буквално до затворањето на Младинскиот културен центар, чекаа да добијат автограм од својата омилена авторка.

За време на разговорот, Ирса зборуваше за феноменот на исландската литература и причините за популарноста на читањето во оваа не толку мала по терориторија, колку по популација, земја.

Литературата е во ДНК-та на исландските луѓе, можеби затоа што Исланд до Втората светска војна била најсиромашната земја во Европа. Дури немало ни телевизија, а и онаа програма што подоцна почна да се прикажува беше здодевна. Веројатно поради тоа луѓето во долгите и студени зими се свртеле кон читањето – рече Ирса.

Скандинавските крими трилери се базираат на приказни на обични луѓе, затоа што тука речиси и да не постојат банди или сериски убијци…, вели Ирса

Понатаму се осврна на жанрот „скандинавскиот трилер“ (nordic noar), како што го нарекуваат, а кој е многу популарен во нејзината земја, што е многу необично со оглед на тоа дека Исланд е земја со многу ниска стапка на криминал.

Скандинавските крими трилери се базираат на приказни на обични луѓе, затоа што тука речиси и да не постојат банди или сериски убијци… – рече Ирса и на крајот шегувајќи се заклучи дека всушност крими-писателите се многу фини луѓе, за разлика од авторите на романси.

Ирса Сигурдардотир (1963) моментално работи како писателка и како градежен инженер. Живее во предградието на Рејкјавик заедно со сопругот и со двете деца. Покрај самостојните книги, авторка е и на два серијала – „Дора Гудмундсдотир“ и „Детската куќа“. Во 2021 година го започнува новиот серијал „Црниот мраз“. Крими-романите на Ирса се успешни на меѓународно ниво и се преведени на повеќе од 30 јазици. Два од нив се избрани од „Сандеј тајмс“ за трилери на годината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.