На престижното VIII издание на Меѓународниот конкурс “Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia” 2022/2023, Кристина Краличин ја освои ПРВАТА награда со поемата „На работ на хоризонтот” преведена на италијански јазик (“Ai Confini dell’Orizzonte”) во Категоријата: International, во конкуренција од стотици испратени поеми од целиот свет.
За изборот ангажирани беа две нивоа на жири-комисии со лингвисти и поети од повеќе земји во светот.
Второто место припаѓа на поетеса од Украина, а третото на поет од Белорусија. Меѓу пофалените во оваа категорија на учесници од целиот свет има дела од поети и поетеси од: Бразил, Јужна Кореа, Полска, Албанија, Украина, Зимбабве и Филипини.
Конкурсот е организиран под покровителство на Министерот за култура на Италија. Наградите ќе бидат свечено врачени на пролет во 2024 година во Каникати, Сицилија.
За ваков голем успех што ја издига нашата земја над многу други поголеми земји од неа ѝ посакуваме на Кристина Краличин среќен пат и достојно претставување на нашата земја кога ќе ја подигне наградата за освоеното прво место.
Со неа ќе патува и нашата среќа што умеевме и овој пат да покажеме дека Македонија поседува квалитетни луѓе кои имаат што да покажат пред светот и да ја изнесат својата мудрост во светската литература.
Поетскиот конкурс “Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia” е започнат во 2016 година на иницијатива на порталот Accademia del Parnaso Canicattinese, претставен од Алфонсо Месина, од семејството Ла Векија и во организација на здружението за култура Мета, чиј претседател е проф. Калоџеро Ла Векија.
Основната цел на конкурсот е да се запамети и да се прослави вклучувањето на познатите книжевници и писатели во редовите на своите членови, како што се: Луиџи Пирандело, Марта Аба, Леонардо Шаша, Бен Газара и други, како и да се потсети на ликот и делото на Анџело Ла Векија (1920-1998), писател, есеист, драматург од Каникати, Сицилија кој напишал над 70 драми, раскази за деца, критички есеи и историски монографии.
Другата цел за постоењето на овој конкурс е да се шири културата на поезијата која претставува универзален јазик кој не познава бариери и граници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.