Адам Хоровиц и Алекси Берно се двајцата странски поети, чија поезија денес беше промовирана во рамки на „Струшките вечери на поезијата“. Хоровиц и Берно се преведени на македонски јазик, и книгите им се објавени како дел од проектот „Версополис“.

Идејата на „Версополис“ е преку мрежа од фестивали, поточно 11 големи и значајни фестивали, меѓу кои е и СВП, поетската реч да патува и надвор од матичните земји на поетите, надвор од утврдените канони на познати и признати авторски имиња, славејќи ја разноликоста и оригиналноста и создавајќи мост меѓу поединците и заедниците.

Поезијата е високо индивидуализиран израз на човековиот дух кој ја велича разноликоста и оригиналноста; создава мост помеѓу поединците и заедниците. Европската идеја која се темели на почитувањето на индивидуалноста и истовремено се стреми кон квалитетен соживот на сите поединци, треба да ја препознае во поезијата метафората и збирот на сите нејзините напори. Одлични млади поети пишуваат песни на секој јазик, но честопати се непознати надвор од границите на јазикот во кој го пишуваат. Целта на Версополис е да го смени ова, создавајќи уникатна платформа ширум Европа која им дава можност на новите европски поети да станат меѓународни поетски ѕвезди – истакна модераторката Александра Јуруковска.

Адам Хоровиц е британски поет, изведувач и уредник. Тој има објавено три збирки поезија: „Вртење“ (Хедланд, 2011), „Почвата никогаш не спие“ (Палвел, 2018) и „Љубов и други бајки“ (Индиго Дримс, 2021): мемоар, „Илјада Лори Лии“ (Хистори Прес, 2014), како и диск со поезија и музика со наслов „Мал Метрополис“ (2015). Тој, исто така, бил копрезентер на „Илјада мрморења“, поткаст што ја слави поезијата и музиката на Џон Клер, а се појавува и на албумот за поезија и музика од Серис Мејтус со наслов „Доаѓаме од сонцето“ (Дека, 2021)

Алекси Берно е роден во 1977 година во Париз. Тој е поет, преведувач, музичар и уредник. Берно ја предводи колекцијата со збирки раскази „Минијатури“ кај издавачите „Magellan & Cie“. Неговата поезија е објавена во Франција и во странство, автор е на збирките „Во забранетото утро“ (2012) и „Огледало во срцето на огнот“ (2020). Ги има преведено американските поети Џек Хиршман, Сем Хамил, Ијан Бојден и Марго Бердешевски, канадскиот поет Роберт Брингхарст и тринидадскиот романсиер Ерл Лавлејс.

„Струшките вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најголеми фестивали во ова европско семејство силно ја поддржува таа идеја и секоја година традиционално организира настани на кои ги претставува поетите и изданијата од „Версополис“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.