На 4 јули 2024, со почеток од 18:30 часот, во Културно-информативниот центар на Република Македонија ќе се одржи промоцијата на романот „Последното име на иднината“ од Живко Грозданоски. Книгата, во превод на бугарски јазик од Маријан Петров, излегува како издание на софиското издаваштво „Books for all”.

Живко Грозданоски – писателот на романот и нов претседател на Друштвото на македонските писатели ќе допатува специјално за настанот во македонскиот КИЦ во Софија, за да го промовира своето литературно дело и да се сретне со софиската публика.

За квалитетите на романот ќе говорат литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, како и преведувачот на романот и писател Маријан Петров.

Јоха, градежен инженер на тунели од Јена, Источна Германија, цел живот носи чувство на празнина во себе, која што постојано се обидува да ја пополни. За Ирис празнината е света, мора да и се даде доволно простор. Јоха се вљубува во Ирис и покрај нивната спротивна природа, а празнината веќе не изгледа толку страшно.

Животот на инженерот радикално се менува кога ќе биде испратен да работи на изградба на нов тунел во напуштено место на југот на Босна и Херцеговина. Оставен сам и далеку од својата сакана, Јоха мора да се справи со нетипичниот босански начин на работа, дрскиот главен надзорник, убавата млада девојка, која го заговорува, и чудниот старец кој упорно сака да го учи српско-хрватски.

Приказна за телата, осаменоста, патувањата и животите кои ги живееме и замислуваме, постигнуваме и сакаме да ги паметиме. Приказна за најголемата темнина, но и за светлината на крајот од тунелот и за сите нешта кои чудесно и навреме доаѓаат на свое место.

Живко Грозданоски е македонски писател. Роден е во Кичево во 1986 година. Основно образование завршил во Бигор Доленци и Кичево, а средно во Нова американската гимназија во Скопје. Дипломирал на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедрата за романски јазици и книжевности, на Катедрата за италијански јазик и книжевност.

Учествувал на повеќе меѓународни резиденции и студиски престои во САД, Италија итн.

Автор е на романи, раскази, поезија и книги за деца. Номиниран е за најголемите награди во Република Македонија („Рациново признание“, „Роман на годината“).

Во јуни 2024 година е избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.