Ве известуваме дека на 30 јуни (петок) од 19:00 часот во спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје ќе се одржи промоцијата на романот „Јазол“ од српскиот писател Дејан Алексиќ, во превод на Никола Кукунеш.

Романот „Jазол“ во 2022 година ги добил некои од најпрестижните награди во Србија, наградите „Милош Црњански“ и „Владан Десница“. Романот е во издание на Здружението за книжевност, култура и уметнос ЕКС ЛИБРИС од Скопје и е објавена како дел од проектот Регионалната мрежа за културна разноликост со поддршка од Европската Унија.

Промотори и модератори на разговорот со авторот ќе бидат Мите Стефоски и Никола Кукунеш. Одломки од романот ќе чита актерот Роберт Вељановски.

Дејан Алексиќ

Дејан Алексиќ (Кралево, 1972), поет и автор на литература за деца. Дипломирал на Катедрата за српска литература и јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Објавил десет збирки поезија, една книга драми и преку дваесет книги за деца. Добитник е на голем број значајни награди за неговото литературно творештво: „Васко Попа“, „Меша Селимовиќ“, Змајевата награда на Матица српска, Наградата на САНУ од Фондот „Бранко Ќопиќ“, „Мирослав Антиќ“, „Ристо Ратковиќ“, Наградата на Просвета, Матиќев шал, Бранкова награда. За драмата „Вино и пингвини“ во 2010 година доделена му е Пекиќевата стипендија.

Како автор на книги за деца застапен е во читанките и задолжителната лектира за основното образование во Србија. Во оваа област награден е со значајни признанија: двапати е добитник на наградите „Политикин забавник“ и „Невен“, награди на Саемот на книгата во Белград, „Русото перче“ („Плави чуперак“), „Раде Обреновиќ“, Наградата на градот Ниш за литература за деца, Златното Гашино перо, Доситеевото перо, Наградата на радио Белград, Како и меѓународните признанија „Малиот принц“ и „Белиот гавран“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.