Во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, денес во 11:00 часот ќе се одржи промоција на новиот илустриран роман за деца „Дневникот од штрковото гнездо“ од Киро Донев.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во коешто кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…
Илустрациите се на Славица Купенкова, а поговорот на Ацо Ѓоргиев.
Киро Донев (1942, Моноспитово, струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиеси, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици, тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.