Во малата сала (театар) во Центарот за култура во Куманово, вечерва, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи промоцијата на книгите „Животот на литературната класика“ од Пламен Тотев и „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов. Промотори на настанот ќе бидат: Петар Андоновски, Стојан Синадинов и Сашко Насев.
Пламен Тотев е бугарски книжевен истражувач, критичар и издавач, добитник на македонските литературни награди „Рациново признание“ (2023) и „Македонски книжевен Дедал“ (2019), како и на бугарските награди за литературна критика. Дипломирал бугарска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.
„Македоника литера“ ја објави книгата „Животот на литературната класика“ од Пламен Тотев. Книгата фрла светлина врз историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.
Освен информациите за главните литературни епохи и правци од антиката и ренесансата до модернизмот, книгата вклучува и анализи на класични дела како што се „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак, „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В.М.Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски… Напишана разбирливо и читливо, книгата придонесува за популаризација на врвната светска литературна класика кај широк круг читатели. Преводот на книгата е на Предраг Димитровски.
Сашо Кокаланов — македонски новинар, романописец, и драмски автор. Роден е на 9 октомври 1977 година во Скопје, Република Македонија. Дипломирал новинарство во 2001 година на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Ги објавил романите Самецот (2003), Ноќ на железничката станица во Розендал (2003) и Изабела, Исмаела и јас (2004), како и драмскиот текст Кафез за будали (2001). Неговите романи се преведени на српски и на бугарски јазик. Бил главен и одговорен уредник на весникот „Дневник“ во периодот од 2008 до 2011 година.
Кокаланов е еден од авторите кои ги пишуваа и адаптираа сценаријата за македонските телевизиски серии: „На терапија“, „Преспав“ и „Инсајдер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.