Утре (вторник, 12 декември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ ќе биде промовирана книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска. Стихозбирката е во издание на „Современост“, а пред публиката за неа ќе говори Вања Таневски.

„Патот на водата“ е стихозбирка посветена на водата како симбол на прапочетокот, на животот и на универзумот, а мотивски лоцирана на бреговите на Охридското Езеро и Црн Дрим.
-Оваа поезија, самобитна и зачудувачка, со посебен култ кон водата, е плод на еден интимен допир со природата, на едно, речиси анимистичко и пантеистичко поимање, па оттука и елементот на водата ќе биде доминантна компонента во неа, ќе запише рецензентот Вања Таневски.

Гордана Каракашевска е родена во 1973 година во Пехчево, каде што го завршува и основното образование, а подоцна образованието го продолжила во Скопје. Од најмала возраст покажува склоност кон уметноста, особено сликарството и литературата. Неколку години живеела и работела во Торино, Италија што остава длабока трага врз нејзината креативност. Од 2001 година е активен учесник на бројни домашни и меѓународни натпревари со забележителни резултати. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и англиски јазик. Авторка е на поетските книги: „Скршен поет и други поеми“ (2021), „Куќа од хартија“ (2022), збирката раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други, ситни зрнца“ (раскази 2021) и на романот „Разголување во година на козата“ (2021). Добитник е на неколку награди и признанија и застапена е во повеќе интернационални поетски зборики.

Каракашевска учествувала на бројни фестивали и поетски читања, а имала и неколку самостојни и групни изложби во Италија. Во март 2013 во МКЦ ја имаше и својата прва изложба на црно-бели фотографии.

Промоцијата на книгата „Патот на водата“ е дел од богатата културна програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.