Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави книгата на Киро Донев „Моите приказни“, којашто претставува избор од неговите раскази, а публикувањето се совпаѓа со 80-тиот роденден на Киро Донев и 55-годишнината од публикувањето на неговата прва книга.

Книгата ќе биде претставена утре, на 22 март (вторник), во 12 часот, во Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, кој по истите поводи организира пладневна роденденска средба со Киро Донев. Притоа, пред читателите ќе биде претставена и специјалната серија на изданието од 80 примероци, што симболично го одразува 80-тиот роденден на Киро Донев.

Книгата „Моите приказни“ содржи 80 раскази и претставува избор од неговите книги со раскази. Почнува со неговата автобиографска приказна, а е поделена во неколку целини: „Од дневникот на Зорка Сештозбрка“, „Од дневникот на Васко Пикаско“, „Дарко во зоо паркот“, „Приказни од куќичката на дрво“ и „Приказни за годишните времиња“.

Киро Донев е меѓу најчитаните и најпреведуваните македонски писатели за деца. Досега се публикувани близу 50 негови книги, а „Моите приказни“ е десетта негова авторска книга објавена од „Македоника литера“.

Киро Донев е познат и широко прифатен од младите читатели по инвентивниот хумор и ведрината во неговото творештво. Неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели.

За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.

Живее во родното Моноспитово, Струмичко.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.