Новата книга за деца „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ од авторката Катерина Трајановска ќе биде промовирана на 11 февруари (петок), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Бисера Бендевска. Делови од книгата ќе интерпретира Виктор Јованоски.

„Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ е второ книжевно остварување на младата писателка Катерина Трајановска, која како дебитант ја освојува наградата за најдобра книга за деца од 6 до 13-годишна возраст на фестивалот „Литера“, со романот „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ во 2020 година.

„Мачешки исповеди“ е збирка сочинета од десет раскази-приказни што ги раскажуваат мачиња домашни, улични, палави, мирни, пркосни, срамежливи, наивни, брливи, портокалови, црни… со еден збор – единствени. Секое маче има своја приказна: некогаш тажна, некогаш смешна, навидум обична, но сигурно по нешто – посебна. Тоа што ги обединува е нивната потреба да ги споделат своите доживувања, од секоe доживување правејќи важен настан. Затоа што: Сите среќни мачиња си прилегаат едно на друго, секое несреќно маче е несреќно на свој начин. Но, понекогаш тагата ги обединува сите живи нешта и понекогаш читателот може да си претстави што значи да се биде маче.

Па, така, дознаваме како Џинџер стана популарен готвач со своја емисија за готвење без никакво кулинарско искуство од претходно, откриваме што сонува малото бездомно маче Заратустра, па едно друго маче му споделува на својот другар Мики интимна приказна за неговата баба и за нејзиниот тежок живот на улица, но и за судбинската средба со неговиот дедо, за еден Хенри кој многу сака да се сретне со градоначалникот и да му ги каже своите забелешки за маалото во кое живее, тука се и Чарли и Вања и Ники и Максим и малиот Индијанец, кој го повикува својот облак да пушти дожд за да биде награден со млекце и малата виулица наречена Ноа, која живее на село со своите роднини – домашните животни. Цела палета расприкажани ликови, цел нов свет што чека да биде откриен од своите најмлади читатели.

Во својата втора писателска авантура, Катерина Трајановска се претставува како двоен автор – на текстот и на илустрациите чијашто функција е да ни ја предочи појавата на овие бездруго многу живи ликови и нивните интересни приказни. Дебитирајќи како илустратор овој пат, Трајановска постапно го зазема своето место во просторот на домашната книжевност наменета за деца, реализирајќи се како комплетен автор на детско писмо со свој автентичен стил што треба да биде препознаен и усвоен од целните читатели.

Катерина Трајановска е родена во 1990 година во Скопје. Почнува да пишува за деца во доцните дваесетти години од својот живот, а во последните две години се посветува и на илустрирање на своите текстови. Таа има објавено две книги за деца на возраст меѓу седум и тринаесет години. Во последните пет години живее и работи во Берлин.

Книгата „Мачешки исповеди или Што значи да се биде маче“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.