Писателката Гордана Каракашевска вечер ќе ја промовира книгата „Куќа од хартија“ во Културно информативниот центар – Скопје. Издавач на книгата е ПНВ Публикации.
Во книгата „Куќа од хартија“ авторката продолжува да ја истражува дуалноста меѓу светлината и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањата и заборавот, но и контрастите помеѓу јасноста и неодредените сеќавања и конечно, пишува за смртта како физички крај на сè што живее. Од друга страна, речиси во сите песни таа пее за пролетта или само ја навестува по зимата. Пролет како ново раѓање, ренесанса. Нејзината поезија му пркоси на секојдневниот живот и на минливоста, велат од КИЦ – Скопје.
Книгата ќе ја промовира Вања Таневски, модератор на настанот е Јулијана Величковска -Димоска, а стихови од стихозбирката ќе чита актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска
Гордана Каракашевска е родена 1973 година во Пехчево. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и на англиски јазик. Нејзините песни се преведени на други јазици и објавени во домашни и меѓународни литературни групи, онлајн списанија како и антологии во печатена и онлајн форма. Досега ги има објавено збирката кратки раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), збирката поезија „Скршен поет и други поеми“ (2021) и романот „Разголување – во година на козата“(2021). Исто така таа е коавтор на збирката поезија „Денови на Поезијата“ заедно со група автори во Македонија и на заедничка збирка „Lice pjesnika“ во издание на Diligo liber од Загреб каде меѓу 12 автори од Хрватска таа е застапена со десет авторски песни. Живее, работи и твори во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.