Во петок, 27 мај 2022 година во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (Зелен покрив), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Егзодусот, егејското прашање и другоста“ од Биљана Рајчинова-Никлолова, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. На промоцијата ќе говорат Мишел Павловски и Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Во трудот, авторката поставува и одговара клучни прашања, од типот, што значи да се биде припадник на маргинализирана група со субалтерен идентитет, брутално негиран, и национално и културално, биополитички дисциплиниран. Рајчинова-Николова говори за судирот меѓу два непомирлив  света: светот на безумното насилство и светот на умната човечност. Станува збор за книга која говори не само за минатото, туку и за сегашноста, за историски случувања кои имаат директни импликации на актуелните состојби и како таква е значаен прилог во креирањето на сликата за себе и за другиот. Токму од таа слика не само што зависи успешното позиционирање на една држава во светот, туку и чекорите и политиките кои ги презема една држава во интерес на благосостојбата на своите граѓани.

Д-р Биљана Рајчинова-Николова е родена во Скопје, на 14 декември 1975 година. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, оддел Интердисциплинарни студии по новинарство, во 2000 година. Магистрирала на Институтот за македонска литература – Скопје, на Студиска програма интердисциплинaрни културолошки студии во книжевност во 2013 година, а докторирала во 2017 година, со одбрана на докторската дисертација Концептите на поимот идентитет во македонските печатени медиуми. Наставно-научно звање доцент го стекнува во 2018 година при Универзитетот Евро-Балкан, Скопје. Поле на истражувачки интерес ѝ е наука за култура, а потесни области на научен интерес ѝ се студиите за идентитетот, медиумите, комуникациите и родот.. Авторка е на педесетина стручни и научни трудови од овие област, објавени во домашни и меѓународни списанија и зборници на трудови. Со свои реферати  (презентирани научни и стручни трудови) учествувала на меѓународни и национални научни симпозиуми/конференции меѓу кои во Скопје, Охрид, Струга (Р.Македонија), Белград, Ниш, Нови Сад и Врњачка Бања (Р.Србија), Будва (Р. Црна Гора), Софија, Благоевград, Пловдив и Банско (Р.Бугарија), Солун (Р.Грција), Драч (Р. Албанија), Букурешт (Романија), Познањ, Зелена Гора и Гдањск (Р. Полска). Работи во Институтот за македонска литература во Скопје. Авторка е на монографското издание „Поимот идентитет во македонските печатени медиуми“, Ми-Ан, Скопје, 2019



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.