На седницата одржана на 24 декември 2021 година, македонскиот композитор и истакнат научен деец, долгогодишен член на Сојузот на композиторите на Македонија, а во моментов Претседател на Собранието на СОКОМ, проф. д-р Јане Коџабашија е избран за член на Дукљанската академија на науките и уметностите во Црна Гора.
Неодамнешниот избор за академик на проф.д-р Јане Коџабашија, во оваа институција е признание и резултат на неговата повеќедецениска дејност, со која дава значаен придонес во развојот на македонската музичка култура и на нашата научна мисла.
Проф. д-р Коџабашија во текот на своето дејствување остварува значајни резултати во некои од базичните текови во развојот на македонската музичка култура – во музичката продуктива, во текот на работниот век во Македонската радио – телевизија, како одговорен уредник на Музичката и касетна продукција, директор на Македонија концерт, музичката публицистика и обемните научни истражувања во областа на музичкото културно наследство, за значаен број црковно – музички дејци, ракописни и печатени црковно – музички зборници и откривање на досега недостапни музички ракописи од областа на црковното пеење од византиската традиција кај нас.
Овие истражувања во неговата дејност започнати во текот на 80-те години на минатиот век па се’ до денешни дни претставуваат значаен придонес и остварена богата активност во областа на теоријата и практиката на црковното пеење од византиската традиција.
Издадените седумнаесет теоретски и монографски изданија и зборници на црковно пеење настанати на територијата на Македонија во 19-от и почетокот на 20-от век, се монографски изданија на оригинални ракописи од македонски музички дејци, со воведен текст и транскрипција од невматска на европска нотација, како и педагошка литература, прва од ваков вид на македонски јазик за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење.
Неговите трудови се изобилно цитирани од истражувачите на културното музичко наследство во земјава и во странство и се употребуваат како педагошка литература за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење и во образовни институции надвор од нашата земја.
Издавањето на овие дела на проф Јане Коџабашија и нивното представување пред културната и научната јавност резултираа со забрзан развој, возобновување и со се’ поширока примена на црковното пеење од византиската традиција во Македонија.
Пред нашата и странската културна јавност во рамките на Европската година на културното наследство во текот на 2018 година проф. д-р Јане Коџабашија го претстави значајното издание „Антологија на македонското црковно пеење“, овозможено од Делегацијата на Европската унија на Р. Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.