Со проектот „Македонски анимиран филм 1971-1991“ денеска се отвора 19. издание на „Балканима“ – Европски фестивал на анимираниот филм, кој ќе се одржи од 4 до 9 октомври во Белград.
Проектот се состои од изложба на артефакти и филмска проекција на кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1971 до 1991 година од пионерите на македонскиот анимиран филм: Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, Афродита Марковиќ, Мице Јанкуловски, Славољуб Игњатовиќ, Мирослав Грчев и Милутин Рогановиќ.
„Македонски анимиран филм 1971-1991, Помеѓу златна доба и заборав“ се обидува да ја пополни празнината, да ја запознае денешната јавност со делата на авторите и да им даде признание на пионерите и великаните на македонскиот анимиран филм. Реализацијата на проектот е на Иван Ивановски, заедно со Друштвото на филмските работници на Македонија во соработка со Слободан Јаќоски, Кинотека и Вардар филм.
Иван Ивановски работи скулптури, цртежи, инсталации, фотографии, видео, филм и анимација. Дипломирал на отсекот вајарство на Ф.Л.У. Скопје, а студирал и на Академскиот програм за режија на Ф.А.М.У. во Чешка. Има реализирано 20 индивидуални изложби (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин и др.) и повеке групни изложби, меѓу кои и Биенале на млади уметници од светот (WEYA), NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR – платформа за современи уметнички простори (Ротердам, 2007), IndependentDrawingGig (IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност (Скопје, 2006) и многу други во земјава и странство.
Слободан Јаќоски е филмски промотер и истражувач. Има реализирано пет филмски кампањи: Исцелител (2017), Бикини Мун (2017), Година на мајмунот (2018), Ej! (2018) и Врба (2019). Јаќоски работеше и на промоцијата на наградуваната кампања за телевизиската серија На терапија (2017).
Главна цел на Европскиот фестивал на анимираниот филм „Балканима“, кој постои уште од 2004. Година, е претставување на европски авторски и студентски кратки анимирани филмови, со аспект на промоција на српската и балканската анимирана сцена. Фестивалот е од натпреварувачки карактер, а во работата на жирито учествуваат аниматори, филмаџии, теоретичари и визуелни уметници од Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.