На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, на малата сцена на Театар Комедија ќе се случи премиерата на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.

 

− Делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу НУ Театар Комедија и НУ Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес – вели режисерката Сибел Авдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.

 

Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

 

„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.