Во типичниот сакрален амбиент на црквата „Света Софија“ во Охрид, Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ вчеравечер приреди прекрасно спиритуално чествување во духот на православното црковно пеење.

Велигденскиот концерт под наслов „Воскресение твоје“ се одржа во организација на НУ„Охридско лето“, установа која останува доследна на презентирањето и промовирањето на високите уметнички вредности.

Репертоарот на прекрасниот хорски ансамбл прозвучи со восхитувачка убавина, влевајќи мир, спокој, радост и возвишеност кај присутната публика токму поради занесното музицирање, префинетата естетика и исклучителниот сензибилитет на членовите на овој хорски ансамбл.

Огромна благодарност до институцијата „Охридско лето“ што ја имавме таа чест да бидеме дел од програмските активности на фестивалот. Посебно ни е драго што го одржавме Велигденскиот концерт „Воскресение твоје“ пред охридскатата публика и пошироката јавност, воочи најголемиот празник на православните христијани. Големо е задоволството затоа што охридската публика ни е многу позната. Заедно го прославуваме велигденскиот празник на пригоден начин. Репертоарот беше наменски, исклучиво црковна православна музика од домашни и светски автори, изјави креаторката на концертот, Летка Димовска-Полизова под чија диригентска палка се одржа овој настан.

Секое огласување на Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ е посебно доживување, особено што станува збор за ансамбл со високо европско и светско реноме на чии концертни сцени и меѓународни конкурси се здобиле со многу награди и признанија.

Хорот е составен од 22 ангелски гласови, вљубенички на хорското камерно музицирање од кои повеќето се млади академски образовани музичари, студентки од Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите универзитети во земјава. Основач, диригент и уметнички раководител е академскиот музичар Летка Димовска Полизова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.