На денешен ден 1925 година се роди Невена Георгиева – Дуња, најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија, која на 17 години ќе загине од раката на бугарскиот фашистички окупатор.
Од 1941 година како младинка учествува во подготовките за вооружено востание во Македонија. Таа е меѓу првите 12 борци кои влегуваат во Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август кај месноста Чифлик во близина на Скопскиот градски парк.
Шестмина борци од Скопскиот партизански одред илегално се префрлаат во Велес со намера да му се приклучат на Прилепскиот партизански одред. Во групата се: Васил Антевски – Дрен, Благоја Давков, Боро Боцевски, Даме Крапчев, Боро Ончев и Невена Георгиева – Дуња.
Во мај 1942 година, Невена Георгиева – Дуња била осудена во отсуство на 7 години строг затвор. Во втората половина на септември 1942 година, таа станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.
Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 16 декември 1942 година во Велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот народ. За страв пак на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.
Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“.
Во нејзина чест, две основни училишта, во Кисела Вода и Нежилово, го носат нејзиното име. Исто така, еден од студентските домови во Скопје го носи нејзиното име.
Во Жена-парк постои спомен-обележје посветено на Невена Георгиева-Дуња. Во 1969 година била поставена нејзина биста во основното училиште што го носи нејзиното име во Кисела Вода, а во 1978 година и во Студентскиот дом во Скопје што го носи нејзиното име. Во 2014 година нејзината биста во дворот на студентскиот дом е уништена, а во 2016 била украдена и нејзината биста во основното училиште во Кисела Вода. Во 2013 година била откриена нејзина спомен-плоча во Нежилово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.