Вечерва во 20 часот на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.
Претставата е во копродукција помеѓу „Перипатија продукција“ и МНТ и во соработка со Фондацијата „Ацо Шопов“. Како дел од проектот е објавена и книга чија промоција ќе биде одржана во склоп на премиерната изведба на претставата.
„Марта Верина“ е драма за љубовта, малку неконвенционална, малку невозвратена и возвратена, во точно и погрешно време. Ова е пред сè драма која му ја посветувам на мојот град, на Скопје и која ненамерно се случи да стане една генерациска драма, во која ќе се препознае мојата генерација, вели драматургот Лукан Николоски.
Во претставата играат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.
Марта Верина е фрагмент од животот во кој ние воајерски ѕиркаме и токму таа непретенциозност на приказната, убаво развиените карактери и доминацијата на женскиот спакт кои се провлекуваат низ неа, ме натераа да ја пооставам. Потоа, поезијата на Шопов која е состевен дел од оваа драма дополнително ме инспирираше во поглед на потребата и неа да ја преведеме на начин разбирлив за помладите генерации – зашто аспектите кои ги обработува се вонвременски – толку далечни денес за нас, а воедно и толку јак составен дел од нашето битисување, вели режисерката Николиќ, објаснувајќи што е она што ја привлекло да го работи текстот на Лукан Николоски.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката е на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова.
Следните изведби на „Марта Верина“ се на 9 и на 27 ноември годинава на малата сцена на МНТ од 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.