По успешната изведба на премиера на театарската претстава „За нашиот Горан“, во режија на Весна Петрушевска на 26 март, поради големиот интерес, претставата ќе се изведе и на 9 април, во 12 часот, во Македонскиот народен театар.
Силни и искрени емоции ја преплавија големата сцена на Македонскиот Народен Театар додека малите деца, но големи актери од актерската школа на Весна Петрушевска ги говореа репликите од книгата „Стапица“, одломки од „Лонг плеј“ и „Демонот од Дебар маало“ на Горан Стефановски.
Со голема почит кон театарот и актерската игра како и сериозниот и професионален пристап на овие млади актери кон делата на Стефановски создаде атмосфера на восхит и почит, и докажа дека младите се нашата иднина, вели Петрушевска.
За првпат на сцената се слушнаа неговите генијални текстови од книгата „Стапица“. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик.
Во вистинска смисла на зборот за еден актер предизвик, за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача. Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан. Така живее само онолку колку го зборуваме. Ние немаме друг Горан. Имаме само еден! Храбар, бескрајно талентиран, точен, шармантен и полн со љубов! Горан е љубов!, додава Петрушевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.