„Охридско лето“ и во 2023 година го задржа пиедесталот најдобра и најзначајна музичко-сценска манифестација, код на културата, не само на Балканот, туку и во Европа. А уметниците што ни доаѓаа беа светски. Така како што доликува на еден фестивал, вели директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, сумирајќи ги успесите во годината што изминува.
Според неа, 2023 година за „Охридско лето“ беше година исполнета со култура, со значајни настани кои ќе бидат впишани во историјата на фестивалот.
Со големо задоволство можам да кажам дека годината што е зад нас ќе ја паметиме по исклучително квалитетната музичко-театарска програма, исполнетоста на гледалиштата до последно место, бурните овации како награда за уметниците и солзите радосници за време на концертите. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележевме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имавме рекордна посетеност на странската публика. Околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… вградија дел од себе за да го направат возвишено и успешно 63-тото издание на „Охридско лето“. Освен стандардната фестивалска програма од 12 јули до 20 август, успешно организиравме и други концерти во текот на годината, како осмомартовскиот, велигденскиот и предновогодишниот концерт кои веќе прераснаа во традиција, се разбира, на огромна радост на публиката и на нас, организаторите, додава Поповиќ.
Според неа, успешноста не доаѓа сама по себе, туку зад неа стои целиот тим на фестивалот којшто несебично се вложува во работењето.
Остануваме на патот којшто го трасиравме. И во Новата 2024 година ќе чекориме кон скалилата на успехот со програмата што ја зацртавме за идното лето господово. Мојата порака до Македонската нација е да ја сакаат и почитуваат културата, да го негуваат фестивалот „Охридско лето“ зашто Охрид е познат не само како град на УНЕСКО, туку и како град на „Охридско лето“, порачува директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Заокружувајќи ја годината што изминува директорката Поповиќ изрази огромна благодарност до покровителот на фестивалот „Охридско лето“ , Претседателот Стево Пендаровски, до Министерството за култура на чие чело е министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, до генералниот спонзор на фестивалот, Македонски телеком, како и до бројните спонзори и помагатели кои и изминатата година вложуваа во развојот на културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.