Во Дом на Армијата во Скопје вечерва почнува 18-то издание на „Танц Фест Скопје 2022” чија програма ќе содржи младост, новитети, авангардност, историско наследство и посветеност на танцовата уметност и на кој можност да презентираат свои дела ќе имаат млади кореографи во серијата претстави насловена како Современи кореографски идентитети.

Во овогодинешната програма на Танц Фест Скопје, која започнува денес (9 април) во 20 часот, во Дом на Арм во Скопје, можност да презентираат свои дела ќе имаат млади кореографи во серијата претстави насловена како Современи короеграфски идентитети. Публиката ќе има можност да ги види претставите на Бобан Русески „Општествена критика“, на Русески и Јована Зајкова под нaслов „Самовили и демони“, „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, „09190“ на Дејан Битровски, а свое короеграфско деби на фестивалот ќе има и Филип Петковски со претставата „Популус“. Публиката ќе може да ги проследи претставите на гостите кореографи: „Пат до месецот“ на Раде Обрадовиќ од Србија, „Само среќа“ на Томео Вержес од Франција, како и „Интер-Вју“ на Жиган Крајнчик, ко-продукција на Словенија и Латвија. Ќе биде претставен и Косовскиот балет со претставата „Егзодус“ на кореографот Ено Печи, како и продукцијата на Скопје танцовиот театар „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која ќе се изведе прв пат по огромниот успех, кој Рисимкин и Скопје танцовиот театар го доживеаја на сцената на Националниот театр за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.

Во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани и младите уметници, новите современи танчери: Сара Димовска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Цветковска, Емилија Милак, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, кои се школуваат на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а кои, од годинава влегуваат во состав на Скопје танцовиот театар 2, како подмладок и нова креативна снага на современата танцова сцена кај нас.

За затворање на фестивалот, на 20 април во 20 часот, во Македонскиот народен театар, скопската публика ќе има една ексклузивна и ретка можност да ја види претставата на легендарната Марта Греам танцовата компанија од Њујорк, САД. Греам е прогласена за Икона нa танцот на 20 век и ова е исклучителна прилика публиката да ја види во рамките на Танц Фест Скопје 2022. Во програмата ќе бидат дела на Греам од 1937, 1947, 1952 и 1981 година, кои се дел од американското културно наследство според поранешниот претстедател на САД Џералд Р. Форд. Публиката ќе има можност да види микс на кореографски одблесоци на Греам и актуелната уметничка директорка на компанијата Џенет Ајлбер, кои го одбележуваат создавањето на современиот танц и неговото опстојување, како уметност на 20 и 21 век, која секаде во светот исклучително се цени и почитува.

Во рамки на Отворената програма, ќе се одвиваат повеќе активности, меѓу кои е работилницата под наслов „Панорама“ во која млади танчери од кај нас и од Софија, Бугарија, ќе ја изучуваат Греам техниката, што е исклучителна реткост, а потоа ќе настапат на 20 април на сцената на Македонскиот народен театар со делови од оригинална кореографија на Греам.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.