Со едночасовен протест пред Владата, вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм и денеска, по петти пат, ќе го искажат незадоволството од своите месечни примања и ќе го повторат барањето за зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.

На протестот, кој почна во петокот изминатата недела, беше побарана и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими.

Учесниците на протестот испратија апел министерот за финансии да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти.

-Платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари. Со плата од 25 илјади денари која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, месецот не може да се преживее, изјави претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, на протестот минатата недела.

На протестот од завчера се придружија и претставници на Синдикатот на културни работници (СКРМ), кои изразија поддршка, а како што најави Костовски, наскоро очекуваат да им се придружат и нивни колеги од другите министерства.

Тој останува на ставот дека ќе бидат присутни секој ден во голем број, се до остварување на целта – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.