Со учество на 11 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации, од 6-ти до 8 јуни во Софија ќе се одржи 15-тото издание на „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.
Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското министерството за култура.
Годинашната „Петнаeсетта македонска книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе имаат и претставници на Сојузот на бугарските писатели и на Друштвото на писателите на Македонија.
Втората клучна содржина на Петнаесеттата македонска книжевна визита во Софија е големиот бугарско-македонски поетски митинг на кој оваа година ќе земат учество: Влада Урошевиќ, Маја Панајотова, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Јулијана Величковска, Николај Шопов, Димитар Башевски, Поли Муканова, Тихомир Јанчовски, Лора Динкова, Душко Крстевски, Иван Христов, Иван Антоновски, Тања Попова, Диме Ратајкоски, Петар Андасаров, Марија Велинова и Атанас Капралов.
Во знак на одбележување на 15-годишниот јубилеј на Македонската книжевна визита во Софија, манифестација која придонесе значајно во зближувањето на макаедонската и бугарската литература, со иницирани и остварени над 100 книги преведени во двете земји и на двата јазика, како и учество на речиси стотина македонски поети, есеисти и преведувачи на сите досегашни изданија, ќе биде премиерно прикажан и мини-документарен филм „15 години Македонска книжевна визита во Софија“ во продукција на Книгоиздателството Макавеј.
Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор со непореклив книжевен интегритет, кој значајно придонесол за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е неодамна починатиот бугарски писател Алек Попов, кој со своите дела е одамна омилен меѓу читателлите и во Бугарија и во Македонија.
Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на легендарната бугарска поетеса Дора Габе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.