Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, академикот Влада Урошевиќ, директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски, претседателката на управниот одбор на фестивалот, Елизабета Шелева, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Димитар Башески и добитник на наградата „Мостови на Струга“ на УНЕСКО за дебитантска книга, Гавин Бредли.
Честитајќи му на Урошевиќ за наградата „Златен венец“, претседателот истакна дека му претставува посебна гордост, што годинава, еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци е носител на ова најзначајно меѓународно признание во светот на поезијата.
Дебитантското дело на Влада Урошевиќ е збирката песни „Еден друг град“ во 1959 година. Покрај неколку десетици поетски дела, тој пишувал и проза, односно романи, збирки раскази, есеи и критики. Дел од поезијата на Влада Урошевиќ е преведена на српски, словенечки, бугарски, француски, руски, шпански, италијански и на англиски јазик. Урошевиќ е автор и на низа преводи од француската поезија.
На средбата, Претседателот упати честитки за организацијата на уште едно успешно издание на фестивалот, потенцирајќи дека Струшките вечери на поезијата се триумф на македонската култура и традиција кои истовремено го збогатуваат светскиот културен простор и дека нашата држава е горда што е домаќин на еден од најстарите поетски фестивали со препознатлив идентитет во светот. Претседателот им честиташе на поетите за освоените награди оценувајќи ги како признание за нивната поетска и литературна дејност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.