Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам, која по втор пат ја организира Националната галерија на Република Македонија во соработка со Францускиот институт во Скопје, а во рамки на активностите по повод месецот на Франкофонијата.

Второто продолжение на изложбата „Париски рефлексии“, кое се одржува во годината кога Националната галерија прославува 75 години од нејзиното основање има за цел да ги претстави проткајувањата на француската и македонската култура преку ликовната уметност, претставувајќи над 50 дела на дваесетина најзначајни македонски автори кои во своето творештво примиле влијанија од значајната Париска школа.

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на отворањето на изложбата „Париски рефлексии“ која веќе по втор пат се организира од страна на Националната галерија и Францускиот институт во Скопје. Оваа изложба е исклучителен приказ на повеќеслојноста на уметничкото доживување и на неговата најголема вредност, а, тоа е, покрај естетската – да ги поврзува земјите и народите. Во нашиов случај, тоа се културните специфики на Македонија и на Француската Република.

Париз бил и останува синоним за глобален уметнички Пантеон кој во себе ги спојува иманентните вредности на уметноста: естетското, наследеното и космополитски современото. Дa се биде дел од тој Пантеон, да се живее и твори низ посебниот сензибилитет на Градот на светлината, било и е сон на илјадници уметници од светот, но и на оние од ова наше поднебје. Историјата на македонската ликовна уметност, како и историјата на ликовната уметност воопшто, не може ни да се замисли, а уште помалку да се прикаже без Париската школа.

Гледано од мој аспект, се разбира, не како експерт, туку како некој кој ја почитува уметноста и нејзините социо-културни значења – фасцинирачки делува конгломератот од различни правци во уметничкото изразување креирани во рамките на оваа школа. Секој од уметниците сам ги избира своите ликовни афинитети и придонесува во откривањето на модерниот ликовен јазик. Париската школа е синоним за прогресивност, авангарда, слобода на изразување. Вредности кои македонските уметници, подготвени за откривање на нови хоризонти и нивно уметничко поврзување со средината од која што потекнуваат, ги прифаќаат со отворен ум и намера да бидат дел од европската и светската ликовна модерна.

На првите „Париски рефлексии“ се потсетивме на основоположниците на македонската уметност чии што имиња се врзуваат со оваа школа: Мартиноски, Личеноски, Пандилов, Лена Стефанова, Владимирски, Борко Лазески, Диме Тодоровски, Димче Коцо и Борка Аврамова. Денес имаме можност да уживаме во делата на наследниците на таа генерација основоположници кои преку своите студиски престои во Париз ги прифатија авангардните движења и им дадоа сопствен печат: Ордан Петлевски, Кондовски, Мазев, Томо Шијак, Спасе Куновски, Иван Велков, Борислав Трајковски, Богољуб Ивковиќ, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов и Миле Корубин, помеѓу останатите. Тука меѓу нив се и делата на францускиот сликар Клод Дервен, инспирирани од македонското поднебје, што само по себе потврдува дека уметноста е процес на постојано давање и примање, на сплотување, на преплетување и меѓусебно збогатување.

Оваа изложба е дел од бројните настани со кои се одбележува Месецот на Франкофонијата во кој, преку примарно чествување на францускиот јазик, всушност, ги промовираме и безвремените, никогаш поактуелни универзални вредности: мирот, демократијата, правата на човекот, соработката меѓу народите, културната разновидност и размена.

Република Македонија е целосно приврзана кон овие вредности. Ние сме отворено општество кое во себе ги содржи сите различни етнички, јазични и културни идентитети и нема ништо поприродно од потребата да ја афирмираме својата посебност, со сите наши различности, преку интеракција и размена со другите. Франкофонијата ни овозможува исклучително широк простор на споделени вредности и можности за соработка.

Денешниов настан е уште еден доказ за тоа. Затоа, да уживаме во богатството на уметничкиот израз и да ја славиме Франкофонијата која нѐ сплотува во различностите и го збогатува нашето секојдневие и неговите комплексни перспективи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.