Со претставата „Падот на Масада“ на Драмски театар Скопје се затвора програмскиот дел на 32. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што во Струмица се одржува од 8 до 13 септември.

„Падот на Масада“ на режисерот Дејан Пројковски е меѓу осумте претстави селектирани во официјалната програма на фестивалот.

Селекторот на фестивалот Љупчо Георгиевски вели:

Публиката и оваа година има можност да види квалитени претстави одлични актерски креации и дека 32от носител на признанието за високо актерско остварување со името на Ристо Шишков ќе се бара помеѓу 45те актери од Македонија и соседна Бугарија. Прв пат во улога на жири ќе се најде и минатогодишниот лауреат, Јордан Симонов на кого пред почетокот на фестивалот му беше врачена плакетата од претходното издание.

Претставата „Падот на Масада“ во продукција на Драмски театар Скопје премиерно е изведена во декември минатата година и веќе има 12 изведби и учество на меѓународниот фестивал РУТА во Подгорица.

Режисерот Дејан Пројковски претставата ја работеше на текст на авторот Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценограф и костимограф во претставата е Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајкоски.

Улогите ги толкуваат: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.