По исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот МАКЕДОНИСИМО минатата година во, веројатно најпрестижната концертна сала во светот, Музикферајн (Musikverein) во Виена, заедно со Тонкунстлер оркестарот од Австрија под диригентската палка на нивниот шеф-диригент Маестро Јутака Садо, нашиот Камерен оркестар „АЈГА“ во соработка со КултурОп, на 31 март и 1 април, ја претставија македонската, а воедно и балканска премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО.

Македонскиот пијанист рече дека е најголема одговорност да се свири дома и се обиде да ја долови светската премиера на оваа верзија на проектот, која се одржа во престижната сала „Музикферајн“ во Виена.

Се тресевме како ќе биде во Виена и на крајот се тресеше ‘Музикферајн’. Композиторот Панде Шахов успеа да го долови нашиот фолклор на оркестарски начин, да го спои со класичната музика и да допре до длабочината на македонската песна, рече Трпчески.

МАКЕДОНИСИМО / оркестарска верзија се базира врз транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески.

Овој прв сплет композиции во кој ги препознавте и ората ‘Беровка’, ‘Малешевка’ и ‘Црногорка’ се свири на нашите прекрасни веселби. Го избравме за почеток за да се загрееме и да си ја олабавиме душичката, рече Трпчески.

Шахов направил богати и возбудливи оркестарски аранжмани, многу пријатни за слушање, музика која сигурно ќе биде прифатена и кај луѓето кои не го познаваат македонскиот фолклор. Тоа е таа умешност да се спои класиката со народното.

 

Како што истакна екипата уште од почеток на реализацијата, овој проект му го посвети на македонскиот народ. Дека почитта е взаемна, публиката покажа и на квинтет-изведбите на проектот низ земјава, на отворено, почнувајќи од с. Збажди на планината Караорман, преку Скопје, Битола и Штип, заклучно со струмичкото село Секирник, на кои овациите кажуваа се’.

Овој пат, финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување понудија уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција.

За тоа, на сцената на Македонската филхармонија се погрижи Квинтет МАКЕДОНИСИМО (во состав:  Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал,  Александар Краповски на виолина и Влатко Нушев на удиралки заедно со Камерниот оркестар АЈГА, под диригентската палка на Ана Спасовска, како и специјалните гости Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.